Со Швајцарска поддршка подобрени условите за спорт и рекреација на најмладите во Кочани и Струга

На 29 и 30 јуни во Кочани и Струга се одржаа последователните форумски сесии на кои беа презентирани реализираните проекти избрани од граѓанитe преку Форумите во заедницата кои беа спроведени во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Преку процесот Форуми во заедницата и директно учество на граѓаните од Општина Кочани, беше реализиран проект со кој целосно се реконструираше спортското игралиште во основното училиште „Малина Попиванова“.

Во рамките на оваа интервенција беа целосно обновени три спортски игралишта (2 мали мултифункционални игралишта и 1 големо игралиште за футбал), дворот, патеките и просторот околу училиштето, а беа изградени и две беседници и амфитеатрално гледалиште со што се подобрија условите за социјализација и инклузија на учениците од оваа општина.

На форумската сесија во Струга пак, беше презентирана израдбата на новото детско игралиште во основното училиште „Браќа Миладиновци“.

Покрај хортикултурното уредување на просторот, новото игралиште поседува соодветна опрема и реквизити за спорт и рекреација наменети за најмладите, како и соодветна заштитна опрема со што се овозможени услови за развој на социјалните и физичките вештини на учениците од ова училиште.

Реализацијата на овие проекти во Кочани и Струга се овозможи преку грант на Швајцарската агенција за развој и соработка во износ од 50.000 швајцарски франци за секоја од општините, а истите беа спроведени од страна на Програма за развој на обединетите нации – УНДП во партнерство со општините.

На последователните форумски сесии, покрај спроведените проекти, беа презентирани и активносите кои се преземаат од страна на општините за реализација на дел од другите проекти и препораки дадени од страна на граѓаните во текот на форумскиот процес.

Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од УНДП во соработка со локални партнери, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои учествуваат во проектот.