Општински советници дискутираа и даваа препораки за надминување на предизвиците поврзани со бесправно изградените објекти

Во рамки на проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети“ кој го спроведува УНДП, на 29 јуни во Скопје беше одржан работен состанок на тематската работна група за урбанизам и просторно планирање. На состанокот, инициран од УНДП и ЗЕЛС, учествуваа повеќе од 20 Претседатели/ки на општински совети и Претседатели/ки на Комисиите за урбанизам и просторно планирање.

Модериран од експерт од областа на урбанизмот, на работниот состанок беше истакната клучната улога на локалната самоуправа во исполнувањето на основните концепти на јавниот простор, но во надминувањето на предизвиците поврзани со бесправно изградените објекти на териториите на општините.

Токму во однос утврдувањето на статусот на бесправно изградените објекти, а со цел надминување на актуелните предизвици, од дискусијата помеѓу општинските советници се издвоија следните препораки:

  • Во Комисијата за увид на бесправниот објект, предвиден со Законот за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти, да има претставник од општината;

  • Новите законски прописи да се однесуваат само на одередена социјална категорија на сопственици на бесправни објекти;

  • Секој случај на бесправен објект поединечно да се третира за да се избегне секаква можна злоупотреба;

  • Да се зајакне механизмот на контроли и спречување на градење на бесправни објекти;

  • Да се стимулира воспоставување на комунални редари;

  • Информирање на јавноста и поинтензивни кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните;

  • Поголеми надлежности на локалните самоуправи во подготвување на детални и генарални урбанистички планови (ДУП и ГУП);

  • Финансиска стимулација на стручните лица од областа кои се вработени во општините;

  • Поголема поддршка на општините и лобирање од страна на ЗЕЛС при носење на важни одлуки од централната власт кои директно влијаат на работата на локалните самоуправи.

Тематската работна група за урбанизам и просторно планирање е дел од седумте тематски групи на општинските советници формирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.