Во Гостивар презентиран новиот спортски и рекреативен центар на кејот на реката Вардар

На 11 јуни во Гостивар се одржа последователната форумска сесија за презентација на резултатите од форумскиот процес и реализација на приоритетниот проект на граѓаните „Изградба на спортски и рекреативен центар на кејот на реката Вардар“. На оваа сесија присуствуваа четириесетина претставници на граѓанскиот сектор, медиуми и општината.

Во изминатиот период општина Гостивар, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, преку директно учество на граѓаните низ неколку форумски сесии и работилници го приоретизираа и развиваа овој проект, кој потоа беше спроведен во партнерство на општина Гостивар и Програма за развој на обединетите нации – УНДП.

Со проектот е направена целосна реконструкција, адаптација и опремување на дел од кејот на реката Вардар кој денеска се користи како главно место за спорт и рекреација за голем број на жители од градот и надвор од него.

Во рамки на проектот се изградени нови патеки и површини за спорт и рекреација со посебна опрема и реквизити, вклучително и за лица со попреченост. Поставено е ново осветлување, корпи за отпадоци и клупи за седење низ паркот, како и направено е хортикултурно уредување на просторот.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 13.3 милиони денари, од кои 2.7 милиони денари се донација на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, реализирани преку проектот „Зајакнување на општинските совети“ спроведен од страна на УНДП во партнерство со општина Гостивар.