Реализирани првите проекти избрани преку Форумите во заедниците во општините Валандово и Свети Николе

Валандовските училишта „Гоце Делчев“, „Страшо Пинџур“ и „Јосип Броз Тито“ добија нови компјутерски лаборатории и училишен медиум, додека пак градинката „Рахилка Гонева“ во Свети Николе доби нов кров и ПВЦ врати и прозорци преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и спроведуван од УНДП во соработка со 24 општини.

Проектите започнаа преку серија на Форуми во заедницата со учество на преку 700 жители во двете општини, каде што овие проекти беа предложени и избрани како најприоритетни од страна на учесниците на форумите. Двата проекти беа финансиски поддржани со по 2,7 милиони денари од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка, додека пак Општина Свети Николе со дополнителни 870 илјади денари учествуваше во реновирањето на градинката „Рахилка Гонева“.

„Денес сме во посета на Детската Градинка “Рахилка Гонева”, која беше реконструирана како дел од проектот Зајакнување на општинските совети, каде беа поставени нов покрив и поставување на нови врати и прозори, со цел да се зголеми енергетската ефикасност на објектот, а во исто време адаптирани се услови за поставување (на веќе постоечка) опрема за сензорна соба. Со оваа реконструкција се обезбедија подобри услови за 450 деца, 30 вработени и 20 лица кои се дел од центарот за лица со попреченост кој се наоѓа во просториите на градинката. Овој објект не беше реновиран од самото отворање во 1982 година и беше во очајна состојба, каде при најмали врнежи протекуваше кровот, а прозорците беа во уште полоша состојба – ситуација која беше крајно небезбедна за децата кои престојуваат во дневниот престој во градинката“, изјави Сашо Велковски, градоначалникот на Свети Николе.

Со 3,36 милиони франци, Швајцарската агенција за развој и соработка го поддржува зајакнувањето на општинските совети во 24 општини низ земјата како тела кои се клучни за развојот на партиципативната демократија и транспарентното и отчетно работење на општините.

„Имплементацијата на овој проект е од голема важност за општина Валандово и за квалитетот на образовниот процес во училиштата од општината. Особено сме благодарни, на швајцарската амбасада и УНДП, преку кои се реализираа проектите „Зајакнување на општинските совети” и „ИКТ лабораторија со соодветна хардверска и софтверска опрема и училишен медиум“. Безрезервно сме благодарни на поддршката и се надеваме дека ќе реализираме уште многу заеднички проекти кои ќе придонесат до поголема демократија, зголемена одговорност и потранспарентно општество“, изјави Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово.

„Во изминатите години помогнавме да се подобрат општинските услуги низ земјата во областа на образованието, животната средина, културата, водоснабдувањето, комуналните услуги и урбаното планирање”, изјави Сибил Зутер Техада, амбасадорката на Швајцарија, за време на нејзината посета на Валандово. Во својот говор, таа истакна дека „проектот Зајакнување на општинските совети ќе направи значителен придонес во отвореноста на институциите, што ќе ја зголеми довербата на граѓаните во нивните избрани претставници. Исто така, преку Форумите во заедницата, процесот на буџетирање на локално ниво ќе доби поголем легитимитет и доверба од граѓаните“.

Проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети“ го спроведува Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), во согласност со глобалните Цели за одржлив развој поставени од Обединетите нации и приоритетите на Програмата во земјата, меѓу кои е и зајакнувањето на локалниот развој и самоуправа.

„Нашата работа во Северна Македонија е во согласност со глобалните напори на УНДП да им помогне не земјите да градат силни, издржливи и транспарентни демократски институции на централно и локално ниво. Тоа ќе не донесе чекор поблиску до достигнување на Целите за одржлив развој кои беа поставени од сите земји членки на Обединетите нации за 2030 година“, додаде Нарине Сахакјан, постојаната претставничка на УНДП.

Проектот се спроведува во 24 општини, во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women). Преку проектот досега беа спроведени низа на активности за зајакнување на капацитетите на советниците и нивно вмрежување, како зголемување на транспарентноста и отчетноста, и граѓанското учество во донесувањето одлуки на локално ниво.

Досега се одржани 60 форумски сесии во рамки на 15 форумски процеси низ целата земја, на кои учествуваа над 4.000 граѓани, жители од избраните општини, а во 9 ново вклучени општини форумските процеси ќе започнат од месец март.                                                                                                        

Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во политичката, општествената и економската транзиција од 1992 година. Оваа поддршка се остварува преку зајакнување на демократските институции и практики, промовирање на инклузивен економски раст и заштита на животната средина и природните ресурси. Швајцарија додава вредност преку експертиза, финансирање и конструктивен ангажман со долготрајните партнери во Северна Македонија. Денес, Швајцарија е меѓу најголемите билатерални партнери на Северна Македонија и останува посветена на стабилноста и просперитетот на регионот.