Преку Форумите во заедницата во Ѓорче Петров осветлени патеките до училиштата а во Крушево целосно опремена мултифункционалната сала

На 5-ти јули, на форумските сесии одржани во Ѓорче Петров и Крушево, пред граѓаните на овие општини беа презентирани реализираните проекти избрани преку Форумите во заедницата кои беа спроведени во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Преку процесот Форуми во заедницата и директно учество на граѓаните од Општина Ѓорче Петров, беше реализиран проектот „Со мобилност до инклузија преку безбедно осветлени патеки“ со кој се овозможи безбеден пристап до јавните воспитно-образовни установи во општината.

Во рамките на оваа иницијатива влезовите и излезите на шесте општински основни училишта и два објекти од градинката Росица се безбедно осветлени. Осветлена е должина од 1200 метри, а поставени се 71 столба и 92 светилки.

На форумската сесија во Крушево пак, беше презентирана реализацијата на проектот „Опремување на мултифункционална сала во Општина Крушево“.

Со цел да се доближи  културата до сите граѓани на Општина Крушево и да се воведат нови културни содржина кои ќе придонесат кон градење на инклузивна култура и привлекување на поголем број на туристи преку целата година, преку овој проект целосно се опреми мултифункционалната сала за изведување на кино проекции и театарски перформанси, но и одржување на состаноци, предавања, презентации, приредби и сл.

Конкретно, преку овој проект, мултифункционалната сала беше опремена со аудиториумски столици, акустична завеса, проектор, платно, систем за проекција, систем за аудио озвучување, како и со гасеничар на скалила за движење на лицата со попреченост.

Реализацијата на овие проекти во Ѓорче Петров и Крушево се овозможи преку грант на Швајцарската агенција за развој и соработка во износ од 50.000 швајцарски франци за секоја од општините, а истите беа спроведени од страна на Програма за развој на обединетите нации – УНДП во партнерство со општините.

Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од УНДП во соработка со локални партнери, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои учествуваат во проектот.