Детската градинка „23 Август“ во Берово доби четири нови детски занимални

На последователната форумска сесија организирана на 9 јули во Општина берово, беше презентирана реализацијата на проектот кој беше избран преку Форумите во заедницата организирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Во иминатиот период, низ четирите форумски сесии, граѓаните на општина Берово го приоретизираа и избраа проектот „Децата се нашата иднина“ со кој беа изградени четири нови занимални за децата кои се згрижени во градинката „23 Август“.

Преку внатрешно уредување и опремување на занималните на детската градинка се подобрија условите за згрижување, престој, нега, исхрана и воспитување на повеќе од 150 деца од претшколска возраст кои ја посетуваат оваа градинка.

Вкупната вредност на овој проект изнесува 4.453.419,00 денари, од кои 2.699.495,00 беа обезбедени преку проектот,,Зајакнување на општинските совети“ додека пак останатите 1. 695.730,00 денари беа обезбедени од Буџетот на Општина Берово.

На форумската сесија присуствуваше и градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, кој упати благодарност до сите кои учествуваа во форумскиот процес и кои дадоа свој придонес овој проект да биде реализиран. Како што додаде тој, ова е нов почеток на локалната демократија, при што форумите се многу важна алатка за партиципативно учество на граѓаните во креирањето на локалните политики.

Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од УНДП во соработка со локални партнери, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои учествуваат во проектот.