ДЕВЕТ ОПШТИНИ ЌЕ ДОБИЈАТ 558,000 УСД КАКО ДЕЛ ОД ШВАЈЦАРСКА ПРОГРАМА ЗА ЈАКНЕЊЕ НА ЛОКАЛНА ДЕМОКРАТИЈА

Денес во Скопје се одржа работилница на која присуствуваа повеќе од 60 претседатели на општински совети кои дискутираа за начините како да се подобри системот на локалната самоуправа во пресрет на тековниот процес на унапредување на децентрализацајата во земјава.

На овој настан, организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), беше објавен и јавниот повик за учество на дополнителни 9 општини во проектот „Зајакнување на општинските совети“ во кој веќе се вклучени 15 општини: Чаир, Охрид, Струмица, Свети Николе, Валандово, Велес, Центар, Куманово, Брвеница, Желино, Гостивар, Струга, Кочани, Кавадарци и Могила.

Општините кои ќе бидат избрани ќе добијат обуки кои што ќе им помогнат на општинските советници поефективно да ги надгледуваат локалните буџети и подиректно да комуницираат со граѓаните при утврдување на приоритетите за трошење на буџетски средства на општината.

На овој начин, проектот има за цел да ја зајакне позицијата на општинските совети во демократското носење одлуки на локално ниво, каде што традиционално градоначалниците имаат доминантна улога, и да се осигура дека секој општински денар е потрошен ефикасно и транспарентно.

Досега, над 200 советници од 15 општини успешно ги комплетираа обуките во 11 области од локалната самоуправа кои се во надлежност на општинските совети.

Општинските совети кои успешно ќе ја завршат обуката добиваат по 62,000 УСД за проекти од јавен интерес кои се утврдени како приоритетни од страна на граѓаните. Токму низ оваа поддршка веќе се реализираат вкупно шест проекти во исто толку општини насочени кон подобрување на социјалните услуги наменети за граѓаните.

Во општините Свети Николе и Струмица се реконструираат детски градинки, додека пак во општина Велес се олеснува пристапот за лицата со попреченост до локалните институции, училиштата и улиците. Истовремено, во општина Валандово се воспоставуваат ИКТ лаборатории, а во општините Охрид и Чаир се олеснува пристапот на лицата со попреченост до општината, институциите и просториите во општинската зграда. Дополнително пак, во општина Чаир, се реализира и проект со кој ќе се подобрат пристапот и условите за настава на децата со попреченост во неколку основни училишта.

Зајакнувањето на општинските совети е проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.