Говорот на омраза ги обесхрабрува жените од учество во јавниот живот

Во рамки на проектот на Швајцарската Амбасада „Зајакнување на општинските совети“ кој го спроведува УНДП, беше одржана виртуелна обука на темата „Родовата еднаквост и меѓуетничките односи на локално ниво во предизборниот период“. Обуката беше иницирана од УНДП, ЗЕЛС, UN Women и Асоцијацијата на финансиски работници, а на истата присуствуваа повеќе од 20 учесници од 18 општини, да разговараат за се почестите случаи на говор на омраза на родова или етничка основа, во период на кампања за престојните парламентарни избори. Обуката беше искористена да се утврдат начините на кои локалните Комисии за еднкви можности меѓу жените и мажите и Комисиите за меѓуетнички односи можат да застанат цврсто против говорот на омраза, особено на социјалните медиуми.

Учесниците разговараа за нивото на вклученост на жените во политичкиот живот на локално ниво и за важноста на обесхрабрување на меѓу-етничките тензии и промовирање на меѓу-етничка соработка на сите нивоа. Како резултат на дискусијата беа донесени следните заклучоци:

– Иако, како бројка на советнички во општинските совети, жените се застапени и активни во политичкиот живот на локално ниво, сепак има простор за подобрување и поголема вклученост на жените во процесите на донесување на одлуки.

– Говорот на омраза на социјалните мрежи е една од главните причини кои ги обесхрабруваат жените политички да се активираат и да бидат кандидатки за политички функции. На говорот на омраза мора и може да се застане најжестоко, а Комисиите за еднакви можности меѓу жените и мажите можат да имаат значајна улога на локално ниво, со тоа што одлучно ќе реагираат на секој ваков случај.

– Комисиите можат да завземат заеднички став и да иницираат дискусија во Советот на општината, а истиот одлучно да се завземе против говорот на омраза.

– Говорот на омраза на етничка основа е почест во периодот пред избори и учесниците се согласија дека мора да има реакција и осуда, и на ниво на институции и на локално ниво.

– Некои општини поинтензивно работат на креирање на поволна средина за поголемо запознавање со различностите, кои секоја заедница ги има, преку меѓу-училишна соработка. Потребни се повеќе вакви иницијатици, како и можности за изучување на јазиците на заедниците како изборни предмети.

Тематските работни групи за родова еднаквост и меѓу-етнички односи се две од седумте тематски групи на општински советници, кои се формирани преку проектот „Зајакнување на општинските совети“.