Преку зајакнати општински совети до добро владеење на локално ниво

Проектот на швајцарската агенција за развој и соработка “Зајакнување на општинските совети” е насочен кон промовирање одговорни и транспарентни демократски институции на локално ниво. Со законот за локална самоуправа и Охридскиот рамковен договор беа пренесени значителни надлежности на општините, во областите на основното и средното образование, културата, социјалните и комуналните услуги.

Сепак, општините во Македонија сè уште се соочуваат со недоволни средства и човечки ресурси да ги задоволат потребите на локалните жители, при што недостатоците се особено изразени во помалите, рурални општини.

Општините и натаму се премногу зависни од трансферите од централниот буџет, кој покрива 61% од нивните трошоци. Голем дел од овие средства се грантови кои мора да се потрошат на прецизно определен начин, како на пример за плати за наставниците. Сето тоа остава малку простор за планирање на инвестициите. Приходите од локалните даноци изнесуваат само 23% од вкупните средства и иако постепено се зголемуваат, сепак остануваат маргинален извор на приходи. Во овој контекст, резултатите од финансиската работа на општините се разликуваат драстично.

Проблеми постојат и при реализација на концептот на демократската одговорност. Иако градоначалниците и советнициите се избираат на редовни локални избори, често граѓаните немаат доволно интеракција со своите претставници. Истовремено, советниците се недоволно обучени за обврските кои ги очекуваат, имаат мало претходно знаење, подготвеност или време за задачите кои треба да ги извршуваат.

Општинските совети се соочуваат и со предизвици во поглед на остварувањето на своите обврски за обезбедување на еднакви можности за жените и мажите и поддршка на кохезијата во мултиетничките средини. Иако со системот на квотите учеството на жените во локалните совети е околу 1/3 од вкупниот број советници, родовите прашања ретко се присутни во работата на советите или одлуките за инвестиции во општините. Мал е бројот и на жените – претседателки на советите, при што извршната функција во најголем дел ја вршат мажите. Одлуките за трошење исто така често се носат без да се имаат предвид специфичните потреби на различните етнички заедници.

Проектот “Зајакнување на Општинските совети” ќе се насочи кон корекција на овие системски дефицити. Главната цел на проектот е да ги засили советите, а со цел да ги вршат своите функции и надлежности поефективно и во синергија со градоначалниците и општинската администрација.

Целта на активностите ќе биде да се зголеми знаењето и самодовербата на советниците, како и да се формира мрежа на информациии и искуства заедничка за сите нив. Преку создавањето полесни канали на комуникација помеѓу јавноста и советите, проектот истовремено ќе ги засили одговорноста и транспарентноста на локалната власт.

Крајната цел е да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, на тој начин што општинските одлуки пореално ќе ги рефлектираат нивните потреби и приоритети додека јавните средства ќе се трошат на одговорен, ефикасен начин.