Општините Куманово, Центар, Гостивар, Желино, Брвеница, Струга, Могила, Кочани и Кавадарци се новите девет општини кои се вклучуваат во програмата за зајакнување на општинските совети откако беа избрани преку јавен повик за учество на кој аплицираа 48 единици на локалната самоуправа во државата.

Во наредните 18 месеци, околу 150 советници од овие општини ќе имаат можност да учествуваат во Програмата за развој на капацитетите на општинските советници која вклучува обуки на вкупно 11 теми од јавниот финансиски менаџмент, просторното и урбано планирање, како и на теми поврзани со иновациите во управувањето, меѓуопштинската соработка и родовата рамноправност на локално ниво.

Struga2-min

Истовремено, секоја од деветте општини ќе има можност да искористи грант во висина од 50.000 швајцарски франци за проекти кои ќе бидат избрани низ директна консултација со граѓаните преку Форумите во заедниците. Проектите кои ќе бидат финансирани преку програмата ќе имаат за цел подобрување на социјалните услуги за најранливите категории граѓани, со кои подеднакво се решаваат потребите на мажите и жените и различните етнички групи во заедницата.

Дополнително, секоја од овие општини ќе добие финансиска поддршка во висина од 12.000 швајцарски франци наменети за воведување на иновативни алатки за подобрување на отчетноста, транспарентноста и учеството на граѓаните во работа на општинските совети.

Во 2020 година, програмата ќе вклучи дополнителни 9 општини кои ќе бидат избрани низ јавен повик кој ќе биде објавен во текот на оваа година.

„Зајакнување на општинските совети” е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци која што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во програмата до крајот на 2020 година.