Главната цел на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од страна на Швајцарската Агенција за развој и соработка (СДЦ), а се имплементира од Програмата за развој на Обединетите нации, е да ги зајакне општинските совети да станат поефективни и автономни тела и подобро да се справуваат со влијанието на извршната власт преку соодветно исполнување на својата уставно доделена улога за одлучување, надзор и застапување. За возврат, овие напори ќе ја зголемат транспарентноста и отчетноста на градоначалникот кон Советот и на општината кон граѓаните, и ќе се подобрат условите за живот во локалната заедница преку успешно спроведување на приоритетни проекти на заедницата.

За времетраењето на проектот 2016 – 2020 година, вкупно 24 општини ќе бидат директно вклучени во спроведување на проектот. Од август 2016 год. во проектот учествуваат шест пилот-општини (Струмица, Валандово, Свети Николе, Чаир, Велес и Охрид) кои што беа избрани во рамките на подготвителната фаза на проектот во 2015 година. Шесте пилот-општини беа избрани преку креирање на примерок на различни типови на општини и истите опфаќаат урбани и рурални општини, различен број на жители, општини од различни региони, општини раководени од позиција и опозиција, општини со негативни ревизорски извештаи, општини со блокирани сметки, итн.

Преку овој повик за изразување на интерес за учество во проектот „Зајакнување на општинските совети“, ќе се изберат дополнителни 9 општини кои ќе бидат вклучени во проектот од јануари 2019 година.

Времетраењето на активностите со новите девет селектирани општини е 18 месеци, и истите е предвидено да започнат со имплементација во јануари 2019 год. и да завршат во јуни 2020 год.

Општините кои изразуваат желба да поднесат пријави за изразување на интерес за учество во проектот „Зајакнување на општинските совети“ можат да ги преземат оперативните насоки заедно со пријавата на следниот линк.

Пријавите мора да се добијат на рака, по пошта, или по курир на доленаведената адреса: Канцеларија на УНДП – Проект „Зајакнување на општинските совети“, ул. Јордан Хаџи Константинов – Џинот, бр. 23, Скопје.

Со цел пријавите да бидат евалуирани за прифаќање, истите мора пристигнат на горенаведената адреса најдоцна до 12 октомври 2018 година до 14:00 часот.