Зајакнување на капацитетите на советниците преку обука

Во текот на подготвителната фаза на проектот Зајакнување на општинските совети беше создадена сеопфатна програма за зајакнување на капацитетите на советниците со цел да се адресираат клучните недостатоци кои беа идентификувани.
Пред сe, станува збор за програма која ќе се фокусира на унапредувањето на знаењето во однос на буџетското и финансиското работење на општините.
За да се адресира овој проблем на соодветен начин, проектниот тим на УНДП изготви програма за зајакнување на капацитетите со 11 модули за обука:

M1: Улогата на општинските совети во доброто управување
М2: Носење на буџетот
М3: Управување со обврски,набавки и приходи
М4: Финансиски извештаи на единиците за локална самоуправа и нивна
анализа
М5: Финансиска контрола и ревизија
М6: Менаџмент на човечките ресурси во единиците на локална
самоуправа
М7: Примена на иновативни пристапи во работата на општинските
совети
М8: Проблемите на родовата еднаквост
М9: Mеѓуетнички односи
М10:Meѓуопштинка соработка
М11:Просторно и урбано планирање

Резимеата и прирачниците за модулите М1-М7 беа создадени во текот на подготвителната фаза на проектот и се составен дел од програмата за зајакнување на капацитетите, додека упатствата и прирачниците за модулите М8-М11 ќе бидат подготвени во текот на првите 6 месеци од фазата на имплементација.
Календарот на обука предвидува три и пол месечна обука во “училници” (од Мај до средината на Јули и Септември) и двомесечна фаза на “учење преку работа (постапки)” под менторство на едукаторите, во текот на месеците Октомври и Ноември, со цел периодот на консултации со јавноста за приоритетите да се совпадне со периодот на подготовка и усвојување на буџетот на општините, со што практично ќе се покаже стекнатото знаење и вештините.

Визијата, целите и очекуваните резултати на проектот “Зајакнување на општинските совети”

Визијата на проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка е зацврстување на системот на одговорна и транспарентна локална власт во која демократски избраните претставници ефективно работат заедно за дефинирање на развојните приоритети во согласност со потребите на граѓаните.
Ќе биде засилена и позицијата на советниците за реализација на нивниот демократски мандат и поддршка на општинските приоритети. Граѓаните ќе добиваат прецизни и доверливи информации од своите избрани претставници, при што своите потреби и приоритети ќе ги претставуваат на активен начин.
Главната цел на проектот е: Зајакнати општински совети кои со зголеменото знаење активно ќе ја исполнуваат својата улога на претставништво и контрола, со што ќе ја направат општинската власт поодговорна и поефикасна при задоволување на потребите на граѓаните.

Очекувани резултати:

1.Општинските совети ќе станат поавтономни тела, поспособни да го издржат влијанието на извршната власт, на тој начин што на правилен начин ќе ги исполнуваат своите уставно гарантирани улоги на надзор и претставување.

2.Општинските политики ќе се креираат на партиципативен начин со цел подобро да одговорат на потребите на граѓаните преку зголемена транспарентност и одговорност на општинските тела.

3.Подобрување на правната и институционалната рамка во која се иницира и реализира функцијата на општинските совети преку функционална и институционална мрежа на советници.

Проектот ќе биде отворен за сите 81 општински совет во државата и дизајнот на проектните компоненти и активности ја следи таа логика. Компонентите на мрежното поврзување, како и платформата на е-знаење ќе ги опфатат сите 1347 советници и засегнатите страни со кои тие се структурално поврзани како потенцијални корисници.
Иновативните алатки ќе бидат првично применети во целните 24 општини, додека истовремено ќе се бара начин за нивно проширување.
Сепак, заради ограниченото време и ресурсите, делот од програмата за зајакнување на капацитетите преку обука ќе се имплементира во 24 општини.
Очекувањата се дека помеѓу 250-300 советници (од кои најмалку 1/3 се жени) ќе учествуваат во проектот, при што 8 општини ќе бидат покриени секоја година, почнувајќи од 2017.

Концепт за воспоставување мрежа на советници во проектот “Зајакнување на општинските совети”

Во рамките на своите севкупни напори, УНДП, го спроведува проектот на Швајцарската aгенција за развој и соработка (СДЦ) “Зајакнување на општинските совети“ кој има за цел да ја зголеми ефикасноста на општинските совети во извршувањето на нивната улога на надзор и застапување со што би се зголемила отчетноста и ефективноста на општинските власти во исполнувањето на потребите на граѓаните.

Од спроведувањето на проектот се очекуваат следните резултати:

  • Резултат 1: Општинските совети се поавтономни тела, оспособени да го издржат влијанието од извршната власт, и правилно да ја исполнат нивната уставна улога на надзор и застапување.
  • Резултат 2: Општинските политики се изготвуваат на партиципативен начин за подобро да се задоволат потребите на граѓаните преку зголемена транспарентност и отчетност на општинските тела.
  • Резултат 3: подобрувања на правната и институционалната рамка во која функционираат советниците се иницирани и се оддржуваат преку функционална и институционализирана национална мрежа на советници.

Овој концепт за воспоставување на советничка мрежа има тесна поврзаност со резултатот 3 од проектот.

Главните предизвици кои треба да се адресираат

Членовите на општинските совети немаат многу контакти со нивните колеги од другите општини.  Недостига чувството на заедништво што би можело да ја поттикне колективната желба за нормативни и практични реформи за решавање на системските недостатоци и подобрување на работењето на општинските совети. Значи постои јасна потреба за подобрување на мрежата, каде Комитетот на советите на ЗЕЛС би се користел како стожер.

Проектот ќе работи на градењето на довербата помеѓу советниците (како потребен елемент на вмрежувањето), помеѓу советниците и градоначалниците/администрацијата и помеѓу советниците и граѓаните.  Во текот  на подготвителната фаза, беа одржани бројни настани со советниците и другите заинтересирани страни каде беше поставена солидна основа за ефикасно и ефективно вмрежување.  Советниците можеа да се запознаат меѓусебно и почнаа да ги препознаваат заедничките интереси.  Во таа насока, проектот ќе го поддржи Комитетот на советите на ЗЕЛС како главна движечка сила на вмрежувањето.

Предложена акција

Една од специфичните цели на проектот е да помогне во процесот на проектирање, изградба и ширење на мрежата помеѓу членовите на општинските совети, како начин за подобрување на  хоризонталната комуникација и соработка и поддршка на  формулирањето на единствени ставови за заедничките потреби  и интереси, независно од нивната политичка и партиска припадност.  Заедно, советниците можат потоа да извршат конструктивен притисок за законски и практични измени потребни за поефективно функционирање на општинските совети.

Мрежата ќе помогне во исполнување на проектните цели преку создавање и оддржување, како и взаемно зајакнување на средината на учење за да се надополни обуката во училница и онлајн учењето. Ќе се отворат можности за размена на искуства и научени лекции помеѓу  советниците.

Проектот е отворен за сите 81 општински совети во земјата а дизајнот на проектните компоненти и активности ја следат истата таа логика. Компонентите за вмрежување и платформата за е-знаење се наменети за сите 1.347 советници како и засегнатите страни со кои тие се поврзани како потенцијални корисници.

Проектот ќе организира три вида на вмрежување: тематски настани за вмрежнување лице-в-лице; виртуелни групи на советници организирани преку платформата за е-учење, и прекугранична соработка со колеги од регионот.

Согласно првичните консултации, вмрежувањето ќе се координира преку Комитетот на советите (КНС) на ЗЕЛС. Проектот ќе добие силен институционален основ, со оглед на тоа што КНС учествува во извршните и надзорните тела на ЗЕЛС и во Генералното Собрание на ЗЕЛС. На тој начин ќе се промовира и долгорочната оддржливост на проектот.

Резултат 3.1: Создадена офлајн и онлјан мрежа во која учествуваат една третина од советниците

Во зависност од потребите и специфичната тежина на прашањата, ќе се организираат тематски настани за претседателите на сите општински совети и за претседателите на комисиите за финансирање и буџет, комисиите за еднакви можности, комисиите за односи меѓу заедниците и други комисии под надлежност на единиците на локалната самоуправа (пр. урбанистичко планирање, социјални услуги).

Овој пристап ќе се гради врз прелиминарното вмрежување веќе организирано во подготвителната фаза.

Настаните на вмрежување ќе се структурираат околу клучните предизвици утврдени од самите членови во текот на почетните проценки. Главните утврдени предизвици се:

  • Општи предизвици: поврзани со целокупните системски недостатоци во нормативната и институционалната рамка за спроведување на советничкиот мандат; недостатоци во постојните капацитети, недостаток на можности за обуки, комплексни и слаби внатрешни структурни и функционални односи; неконзистентни можности и механизми за интеракција со граѓаните.
  • Предизвици поврзани со надзорот на финансиските аспекти на работата кој го вршат општинските извршни тела: Маргинална улога на советниците во подготовката и следењето на буџетот, недоволна соработка со градоначалниците и општинската администрација во работата; недостаток на специфични вештини за извршување на овие функции; слабости во внатрешната финансиска контрола и ревизија; отсуство на превентивни механизми и алатки за Советниците за извршување на надзорната функција итн.
  • Предизвици поврзани со функционирањето на комисиите за еднакви можности/комисиите за односи меѓу заедниците: Недостаток на капацитети и вештини во рамките на комисиите за правилно извршување на своите улоги, несоодветно буџетирање на активностите предложени од двете комисии наспроти постојните акциски планови и другите политики и мерки; логистички проблеми поврзани со работењето на двете комисии; потценување на системската улога на овие комисии.

Освен настаните лице-в-лице, виртуелното вмрежување ќе се јакне со платформата за е-учење. Сите советници од сите единици на локалната самоуправа ќе бидат поканети да се приклучат на онлајн клубот “само советници“ и тој ќе биде отворен не само за 24те избрани совети кои ќе учествуваат на обуките во училница и шемата на грантови, туку на сите советници од 81 единици на локалната самоуправа. Советниците ќе имаат пристап до сите содржини и ќе може да изберат дали ќе добиваат електронска пошта за новини и настани како и потсетници за учество на онлајн активности.

Платформата за е-учење ќе биде дел од интернет страницата на проектот, но исто така ќе може да функционира и како самостојна страница. На основно ниво, страницата на советниците ќе им даде пристап до најновите вести на теми од нивен интерес, како и до стандардни информации за општините и општинските процеси.  За да се обезбеди поширока компаративна рамка која ги надминува строго националните закони и практики, ќе бидат достапни и вести за регионалните и меѓународните случувања во областа на општинските власти.

Меѓутоа, платформата е-учење е дизајнирана да биде многу повеќе од збир на информации. Советниците ќе може да изберат и да се регистрираат на еден од бројните онлајн курсеви, како и да го споделат своето мислење и искуство од учењето. Платформата ќе обезбеди пристап до снимени предавања, а советниците ќе може да дадат препораки до нивните колеги за тоа кои предавања да ги проследат.  Исто така ќе можат да достават барања  и предлози за новите обуки и тоа ќе биде достапно во моментот кога барањето ќе го достигне прагот од најмалку 50 советници.  Ова ќе помогне советниците да се соберат околу одредени заеднички интереси.

Платформата исто така ќе содржи и алатка за мерење за да се олесни компаративната анализа на општинските практики.

Платформата е дизајнирана да биде „жива“ и интерактивна. Ќе се организираат истражувања на јавното мислење на кои советниците ќе можат да го дадат својот глас и мислење за одредени прашања и да ги споредат своите гледишта со оние на другите советници. За да се мотивираат советниците и да се надгради нивното знаење, интернет страницата ќе содржи и резултати на самотестирање кога советниците ќе одлучат да ги споделат резултатите.  Признанија во форма на онлајн медали ќе бидат поставени на „ѕидот на успешните“ за времетраењето на логирањето и користење на е-учењето.

Покрај тоа, на веб страната ќе има и модериран виртуелен простор  за разговор (chat room) за да се поттикне дискусија околу прашања поврзани со општинското владеење.  Овој механизам ќе ги охрабри советниците да го споделат своето искуство за прашања од заеднички интерес од областа на општинската власт. Дискусијата ќе биде модерирана од експерт за да го задржи интересот на учесниците и со цел ставовите да бидат соодветно поткрепени со експертско мислење.

Карактеристиките на вмрежување ќе им овозможат на советниците да ги објавуваат своите контакти и адресите на социјалните мрежи доколку сакаат да се поврзат со своите колеги. Советниците ќе можат да креираат групи на заеднички интерес, по преглед од страна на администраторот на платформата. Со користење на овие механизми, советниците ќе можат да се поврзат со своите колеги од другите општини за прашања од заедничка грижа и интерес, и да објавуваат проблеми и барања за коментари. На крајот, платформата ќе служи како механизам за да се создаде жива виртуелна заедница.

Активности за резултатот 3.1:

  • Создавање на тематски групи составени од 15-25 советници кои се истовремено членови на Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за еднакви можности, Комисијата за односи меѓу заедниците и други комисии во рамките на советите на единиците на локалната самоуправа (пр. урбанистичко планирање, социјални услуги).
  • Организирање на серија настани на вмрежување на кои ќе учествуваат советниците и ќе ги споделат своите искуства. Овие настани ќе имаат двојна функција. Секој настан ќе се фокусира на содржини од суштински интерес за учесниците, каде ќе се презентираат општинските искуства и ќе настапат говорници експерти на теми од заеднички интерес. Во исто време, ќе се гради  дух на заедништво преку контакти и дискусија.
  • Организирање на групи за колегијална поддршка и учење за советниците и подготовка на тематски состаноци и тркалезни маси за разни теми од интерес. [1]
  • Организирање на работилници за политики со учество на националните власти и други релевантни институции.
  • Подготовка на компаративен осврт за улогата на советниците во локалната самоуправа како материјал за дискусиите на мрежата.
  • Заживување и ревизија на Етичкиот кодекс за локалните функционери со цел да се промовира појасна и повидлива улогата на советниците во поддршка на напорите за интегритет на локалната самоуправа.
  • Воспоставување на виртуелна заедница на советниците преку платформата за е-знаење.
  • Дизајнирање на анкети за советниците и анализа на одговорите и потребите, преку платформата за е-знаење.
  • Воспоставување онлајн фокус група на советници.
  • Следење на активностите и ставовите на мрежата и истражување на можностите за задоволување на потребите.
  • Верификација и кодирање на сите проектни резултати и практики преку воспоставената мрежа на советници.
  • Институционализација на проектните продукти и резултати преку етаблираната мрежа и системи, посебно преку ЗЕЛС.

Резултат 3.2: Пристап до регионалните и глобалните најдобри практики во зајакнатите општински совети

Овој резултат во прв ред ќе биде насочен кон промовирање на размена на субрегионалните искуства, но исто така и кон потенцијална поширока соработка со понапредни земји во ЕУ и во светот кои се сметаат за лидери во капитализација на улогата на локалните функционери во процесот на буџетирање и сеопфатно унапредување на принципите на доброто владеење на локално ниво.

Бројните придобивки на оваа размена вклучуваат:

  • Употреба на искуството и капацитетите кои се веќе присутни на друго место, во насока на развивање на новите капацитети во земјата;
  • Отворање на нови канали на комуникација меѓу земјите; подобрување на ефектот на размножување на технолошката/стручна соработка;
  • Подобро запознавање и зголемена доверба во веќе достапните капацитети во земјата;
  • Координација на развојните политики својствени за одредени развиени земји;
  • Развивање на локални решенија и воведување на техники приспособени на локалните потреби, и
  • Забрзан професионален развој.

Под овој резултат, проектот ќе има блиска соработка со ЗЕЛС и Мрежата на асоцијации на локалните власти од  Југоисточна Европа (НАЛАС)  како и националните канцеларии на УНДП во регионот и Регионалното седиште на УНДП во Истанбул. Исто така, ќе се користат и другите глобални мрежи и други капацитети на УНДП на терен, а по потреба, и искуствата на други партнерски организации.

Активности за резултатот 3.2:

  • Утврдување на најдобрите практики и организирање на две студиски посети за советниците со едукативна цел, особено за прашања поврзани со буџетирање финансии и примена на начелата на доброто владеење на локално ниво. Изборот за учество на студиските посети ќе зависи од посветеноста на советниците кон спроведувањето на сеопфатната програма за изградба на капацитетите дадена во Компонентата 1 од проектот.
  • Олеснување на учеството на советниците на главните регионални и меѓународни настани.
  • Олеснување на твининг аранжмани со цел советниците да добијат пристап до најдобрите меѓународни практики. Со оглед на големиот број на учесници на проектот, твинингот ќе се искористи и како поттик за работа, со оглед на тоа дека само најактивните советници ќе можат да учествуваат.

Очекувани резултати

Со проектот, се очекува советниците да развијат ефективна, артикулирана и видлива мрежа која ќе им овозможи да бидат застапени пред националната Влада и Собранието со цел подобрување на постојниот правен и институционален систем на локалната самоуправа. Понатаму, Мрежата на советници ќе го предводи создавањето на искусна заедница за учење и споделување на практики, поддршка на стекнување на знаења како и зголемена вклученост во процесите на владеење.

Улогата на ЗЕЛС како партнерска организација во спроведувањето на проектот

Граден врз консултации и активно учество во подготвителната фаза, проектот ќе воспостави блиска соработка со ЗЕЛС околу агендата на советничкото вмрежување и околу одржувањето на капацитетите, алатките и продуктите на знаењето и по завршувањето на проектот.

Поточно, УНДП ќе работи со ЗЕЛС, преку Комитетот на Совети:

  • за консултација и координација околу релевантноста на проектните активности и планираните резултати;
  • да овозможи пристап до придобивките и резултатите од проектот за сите општини;
  • да го олесни и промовира вмрежувањето меѓу советниците; и
  • да обезбеди востановените системи на консултации, сите механизми на мрежата, едукативни алатки и производите на знаење да бидат оддржливи и институционализирани и достапни за идната генерација советници, како и за сите заинтересирани чинители.

Заради практичност и со цел да се обезбеди оптимална техничка и содржинска поддршка за КНС на ЗЕЛС, проектот ќе склучи договор со ЗЕЛС. Ќе бидат обезбедени и финансиски средства за покривање на ангажманот на дел од вработените лица во ЗЕЛС. Сите други трошоци на мрежата ќе бидат директно покриени од проектот.

Партнерството со ЗЕЛС ќе придонесе кон одржливоста на проектот.

[1]Од советите кои учествуваат, најмногу три члена ќе бидат поканети да функционираат како врска со мрежата на советници. Овие советници за врска ќе бидат брифирани од проектниот тим и од нив ќе се бара да учествуваат во организирањето на активностите. Исто така ќе имаат посебна улога во организирањето на настаните на вмрежување. Во рамките на советот, ќе се поттикнува организирањето на групи советници околу советникот за врски. Советниците за врски ќе добијат организиран контакт и комуникација со другите советници за врски од другите општини, како и материјали за тековно учење поврзано со општинското владеење.

Резултатите од подготвителната фаза на проектот “Зајакнување на општинските совети”

Во периодот од 10-ти Јули 2015-та до 10-ти Март 2016-та беа спроведени подготвителните активности за проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка “Зајакнување на општинските совети”, кој го спроведува програмата за развој на Обединетите Нации.

Проценките кои се основа на дизајнирањето на проектот беа направени преку сеопфатни анализи на податоци, независни анализи и разговори со повеќе претставници на власта на локално и централно ниво, вклучувајќи и 170 членови на општинските совети. За потребите на проектот беа организирани 30-тина консултативни настани, на кои учествуваа повеќе од 700-тини лица, претставувајќи ги сите релевантни засегнати страни, меѓу нив и 330 советници.

Подготвителната фаза му овозможи на УНДП да го тестира и прецизира концептот на проектот на транспарентен и партиципативен начин, овозможувајќи простор и време за спроведување на неопходните прилагодувања. Подготвителната фаза ги зацврсти и клучните партнерства за имплементација на проектот.

Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Министерството за Финансии и Министерството за Локална Самоуправа беа активно вклучени во подготовките на проектот а продолжувањето на оваа соработка ќе ги засили очекуваните ефекти и неговата одржливост. Тесна соработка беше остварена и со клучниот партнер на УНДП за имплементација на проектот – “Здружението на финансиски работници”.

Најзначајниот резултат од спроведените активности е силната потврда дека сите засегнати страни сметаат дека проектот е исклучително релевантен и со ентузијазам ја очекуваат неговата успешна имплементација. Потребата од зајанување на улогата на општинските совети е јасно дефинирана и поддржана. Истовремено, беше создадена основа за функционално партнерство со сите засегнати страни, од кои се очекува да бидат силни сојузници во остварувањето на целите на проектот. Подготвителната фаза го зајакна и чувството на поврзаност со проектот и неговите цели кај сите релевантни засегнати страни, од кои се очекува активно да учествуваат во предвидените активности, а кои ги сметаат за исклучително значајни за своите општини.

Преку зајакнати општински совети до добро владеење на локално ниво

Проектот на швајцарската агенција за развој и соработка “Зајакнување на општинските совети” е насочен кон промовирање одговорни и транспарентни демократски институции на локално ниво. Со законот за локална самоуправа и Охридскиот рамковен договор беа пренесени значителни надлежности на општините, во областите на основното и средното образование, културата, социјалните и комуналните услуги.

Сепак, општините во Македонија сè уште се соочуваат со недоволни средства и човечки ресурси да ги задоволат потребите на локалните жители, при што недостатоците се особено изразени во помалите, рурални општини.

Општините и натаму се премногу зависни од трансферите од централниот буџет, кој покрива 61% од нивните трошоци. Голем дел од овие средства се грантови кои мора да се потрошат на прецизно определен начин, како на пример за плати за наставниците. Сето тоа остава малку простор за планирање на инвестициите. Приходите од локалните даноци изнесуваат само 23% од вкупните средства и иако постепено се зголемуваат, сепак остануваат маргинален извор на приходи. Во овој контекст, резултатите од финансиската работа на општините се разликуваат драстично.

Проблеми постојат и при реализација на концептот на демократската одговорност. Иако градоначалниците и советнициите се избираат на редовни локални избори, често граѓаните немаат доволно интеракција со своите претставници. Истовремено, советниците се недоволно обучени за обврските кои ги очекуваат, имаат мало претходно знаење, подготвеност или време за задачите кои треба да ги извршуваат.

Општинските совети се соочуваат и со предизвици во поглед на остварувањето на своите обврски за обезбедување на еднакви можности за жените и мажите и поддршка на кохезијата во мултиетничките средини. Иако со системот на квотите учеството на жените во локалните совети е околу 1/3 од вкупниот број советници, родовите прашања ретко се присутни во работата на советите или одлуките за инвестиции во општините. Мал е бројот и на жените – претседателки на советите, при што извршната функција во најголем дел ја вршат мажите. Одлуките за трошење исто така често се носат без да се имаат предвид специфичните потреби на различните етнички заедници.

Проектот “Зајакнување на Општинските совети” ќе се насочи кон корекција на овие системски дефицити. Главната цел на проектот е да ги засили советите, а со цел да ги вршат своите функции и надлежности поефективно и во синергија со градоначалниците и општинската администрација.

Целта на активностите ќе биде да се зголеми знаењето и самодовербата на советниците, како и да се формира мрежа на информациии и искуства заедничка за сите нив. Преку создавањето полесни канали на комуникација помеѓу јавноста и советите, проектот истовремено ќе ги засили одговорноста и транспарентноста на локалната власт.

Крајната цел е да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, на тој начин што општинските одлуки пореално ќе ги рефлектираат нивните потреби и приоритети додека јавните средства ќе се трошат на одговорен, ефикасен начин.

Силна поддршка меѓу единиците на локалната самоуправа за проектот „Зајакнување на општинските совети“

Од 17-ти до 19-ти Февруари, во хотелот Сириус, во Струмица, се одржа работилница за проектот на Швајцарската Агенција за развој и соработка: “Зајакнување на општинските совети”.

Во присуство на претседателите на општинските совети и во партнерство со ЗЕЛС, проектниот тим на УНДП одржа три презентации за клучните компоненти на проектот, кои треба да го овозможат остварувањето на виталната врска на отчетност меѓу советниците и граѓаните, која ќе води кон подобрување на локалната демократија и локалната самоуправа како целина.

Првата презентација се однесуваше на вмрежувањето на општинските советници, каде како една од алатките која ќе се користи за потребите на швајцарскиот проект, беше претставена и е-Платформата за учење. Платформата за учење ќе обезбеди пристап до базични и продлабочени содржини за обука, како и релевантни материјали, информации за тековни случувања и настани и релевантни податоци од интерес за советниците.

Истовремено, во рамките на е-Платформата за учење ќе биде администриран и форум за размена на информации, податоци, мислења и комуникација меѓу советниците. Во продолжение беше презентирана и предлог програмата за развој на капацитетите на општинските советници.

Во оваа програма интегрирани се приоритетните теми за обука и клучните предизвици со кои се соочуваат советниците, како што се: финансиските процедури, улогата на советниците во фискалните прашања од работата на општините , потребата од потемелно разбирање на буџетските прашања. Проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку повеќе модули на обука фокусирани на клучните прашања поврзани со буџетското и финансиското работење на општините, несомнено ќе го зајакне капацитетот на советниците за вршење на нивната функција во системот на локалната самоуправа.

Значителен интерес кај претседателите на општинските совети предизвика и третата презентација, насочена кон примената на иновативни пристапи за поефективно и поефикасно функционирање на општинските совети. Во оваа насока, проектот поддржан од швајцарската агенција за соработка и развој ќе содржи низа иновативни мерки како на пример идејата за имплементирање на мониторинг на локалните услуги во реално време од страна на граѓаните.

Сите презентации во Струмица беа проследени со активни дискусии на учесниците, што секако создаде можност за соодветно прилагодување на интервенциите според потребите на општинските советници и останатите засегнати страни и корисници.