Со Владина Уредба, седниците на Советот отсега и он-лајн

По бројните барања на претседатели на совети и општински советници, а на предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата на седницата одржана на 7 април донесе Уредба за дополнување на уредбата со законска сила за примена на Законот за локалната самоуправа за време на вонредна состојба.

Со оваа Уредба се дава можност претседателот на Советот на општината и на градот Скопје, да може да свика и да раководи со седница на советот и со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).

Имајќи предвид дека во време на вонредна состојба, кога општините и градот Скопје треба да бидат максимално мобилизирани и функционални заради обезбедување на услови за примена на препораките и мерките на Владата за заштита и превенција од коронавирус Ковид 19, со оваа уредба се обезбедуваат законски услови советот да може да одржува седници и да донесува одлуки и во случај на спреченост на членовите на советот физички да присуствуваат на седница.

Во случај на одржување на седница со употреба на комуникациски средства, претседателот на советот дневниот ред и материјалите за седницата, до членовите на советот ги доставува по електронски пат. Гласањето ќе се одвива по пат на поименично произнесување на секој од членовите на советот кои се најавени на седницата, за текот на седницата се води записник, кој што, заради обезбедување на транспарентност и отчетност, веднаш по завршувањето на седницата се објавува на ВЕБ страницата на општината и на градот Скопје.

За одлука седниците на советот да се одржуваат и он-лајн веќе некое време се залагаат голем број советници ширум државава кои, поради мерките за справување со кризата и ограничувањата за физичко присуство, не беа во можност редовно да ги одржуваат седниците на советот во своите општини.