СЕ ОДРЖА ЧЕТВРТАТА ГОДИШНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА И ЛОКАЛНО УПРАВУВАЊЕ

Скопје, 11 декември, 2020 – Денеска во Скопје се одржа четвртата по ред годишна конференција за децентрализација и локално управување насловена „По КОВИД-19: Градиме отпорни локални самоуправи“, организирана во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиски поддржан од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) а се имплементира од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). На конференцијата се презентираа наодите од полугодишниот Извештај за финансирањето на општините во првата половина од 2020 год., и Интегралниот извештај за одговорот на општинскиот систем за управување со кризи на КОВИД-19 пандемијата и нејзиното влијание врз локалните услуги. Истовремено, во рамки на конференцијата беше презентирана и интерактивната онлајн алатка за следење на социоекономското влијание на КОВИД-19 во земјата.

Со свои обраќања конференцијата ја отворија Амбасадорка на Швајцарија Сибил Зутер Техада, Заменик постојаната претставничка на УНДП Сања Бојаниќ, Претседателот на советот на општина Кочани и Претседател на Комитетот на Совети при ЗЕЛС Томе Солевски, Министерот за финансии Фатмир Бесими и Министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

„Сите сме свесни за тешките околности под кои сите институции функционираат за време на пандемијата, но нема сомнеж дека локалните власти кои се најблиску до граѓаните беа во особено деликатна позиција. Тие мораа да се сносат со намалени приходи, а истовремено мораа да нудат дополнителни услуги како последица на КОВИД-19. Но и покрај сите пречки, со задоволство можам да кажам дека успеавме да постигнеме извонредни резултати. Од 2018 до денес, повеќе од 7,500 граѓани од 24 општини учествуваа во преку 100 форумски сесии за да ги дискутираат и одберат приоритетните проекти за нивните заедници на отворен, транспарентен и партиципативен начин“, изјави Амбасадорка на Швајцарија Сибил Зутер Техада.

Анализата на финансиските ефекти од КОВИД-19 врз општините укажува дека од пандемијата силно се погодени најзначајните сопствени приходи на општините во државата, односно: Данок на имот бележи пад од 8,87% во првиот квартал и пад од 19,14% во вториот квартал во 2020 година; Даноци на специфични услуги се забележуваат пад од 10,97% во првиот квартал и дури 21,18%; Таксите и надоместоците каде од пад 5,1% во првиот квартал 2020, во вториот квартал падот изнесува дури 63,42%. Единствено на приходната страна што го амортизира ударот на општинските приходи  преставуваат Трансфери од централната власт, кои забележуваат раст од 27,48% во првиот квартал и раст од дури 20,25% во вториот квартал во 2020 година, споредено со 2019 година. Општините на почетокот на пандемијата беа особено претпазливи со расходите, предвидувајќи го идниот удар од пандемијата на локалните приходи и вкупните расходи на општините бележат значаен надолен тренд поминувајќи од прв кон втор квартал 2020, поточно од скромен раст од само 0,76% во прв квартал 2020/2019 во вториот квартал падот на вкупните расходи е дури 17,8% (кај урбаните општини падот изнесува дури 28%).

„Во изминатите месеци УНДП продолжи да ги поддржува напорите на земјата за зајакнување на системот на локална самоуправа за да биде поотпорен на идни шокови. Со анализите на фактите кои ги презентираме денес сакаме да ја поддржиме земјата во носење на информирани одлуки за време на криза, во насока на насочување на ретките ресурси накај критичните сектори и сегменти од населението, каде што се највеќе потребни. Дополнително, преку нашата Социоекономска проценка на ефектите на КОВИД-19, развивме интерактивна мониторинг алатка (достапна на www.impact-covid19.mk) која ќе им овозможи на создавачите и спроведувачите на политики да ги следат критичните информации за влијанието на кризата, за врз тие наоди да може да носат информирани одлуки“, додаде Заменик постојаната претставничка на УНДП Сања Бојаниќ.

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ се спроведува во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women). Преку проектот досега беа спроведени низа активности за зајакнување на капацитетите на советниците и нивно вмрежување, подобрување на транспарентноста и отчетноста на општините преку примена на иновативни алатки, и зголемување на граѓанското учество во донесувањето одлуки на локално ниво. Почнувајќи од 2018 година одржани се вкупно 108 форумски сесии во рамки на 24 форумски процеси низ целата земја, на кои учествуваа над 7,500 граѓани, жители од избраните општини. Досега, целосно реализирани се приоритетни иницијативи во девет општини, а во тек е реализацијата на иницијативи избрани преку Форумите во заедниците во уште 15 општини кои се дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во политичката, општествената и економската транзиција од 1992 година. Моменталната цел на програмата на Швајцарија во земјата е подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните на Северна Македонија преку зајакнување на демократските институции и пракси, промовирање н инклузивен економски раст и заштита на природните ресурси. Швајцарија додава вредност преку експертиза, финансирање и конструктивен ангажман со долготрајните партнери во Северна Македонија. Денес, Швајцарија е меѓу најголемите билатерални партнери на Северна Македонија и останува посветена на стабилноста и просперитетот на регионот.