Со швајцарска поддршка подобрени условите за децата и старите лица во Вевчани

На 14 јуни во Вевчани на последователна форумска сесија беа презентирани резултатите од форумскиот процес и реализација на приоритетните проекти на граѓаните „Реконструкција на просториите на објектот Детска Градинка „Планински Цвет“ и „Реновирање на Дневниот центар за стари изнемоштени лица и пензионери“.

Во изминатиот период во општина Вевчани, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ преку процесот Форуми во заедницата и директно учество на граѓаните беа предложени, разработени  и приоретизирани овие два проекти, кои потоа и беа реализирани во партнерство на Програма за развој на обединетите нации – УНДП и општина Вевчани, а со грант на Швајцарската агенција за развој и соработка во износ од 50.000 швајцарски франци.

Преку овој грант е направена реконструкција, адаптација и опремување на објектите на градинката „Планински Цвет“ и просториите на Дневен центар за стари лица, со цел подобрување на условите за престој и работа, како и социјализација и рекреација во двата објекти.

Со имплементација на проектот „Реновирање на Дневниот центар за стари изнемоштени лица и пензионери“ се обезбеди комплетна функционалност на Дневниот центар преку спроведените активности за санирање на подот, плафонот и ѕидовите, како и обезбедување на опрема за ефикасно греење и ладење на просторот.

Исто така, во рамки на проектот за реновирање на градинката „Планински Цвет“ се спроведени активности за реконструкција на ентериерот (спуштени плафони, реконструкција на ѕидови и подови), како и  преградување на дел од просториите, заради обезбедување на енергетска ефикасност и функционален работен простор. Дополнително, направено е и партерно уредување на дел од дворот и поставени се нови детски реквизити и играчки.

На последователната форумска сесија, покрај приоритетните проекти, беа презентирани и активносите кои се преземаат од страна на општината за реализација на дел од другите проекти и препораки дадени од страна на граѓаните во текот на форумскиот процес.