Презентирана нацрт верзијата од Компаративната студија за улогата на општинските совети

Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“, на 14 јуни (среда), во хотелот Арка во Скопје, се оддржa работилница на која беше презентирана нацрт верзијата од Компаративната студија за улогата на општинските совети подготвена од меѓународниот експерт, г-ѓа Антонела Валморбида.

На работилницата свое учество земаа претставници од Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа, Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија – ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавни претпријатија – ЗФР, општинските совети и општинската администрација, невладините организации и академската заедница.

Низ плодна и квалитетна дискусија, презентираната нацрт верзија од студијата им овозможи на учесниците да ги изразат своите мислења и ставови во однос на нејзината содржина, да разговараат за главните предизвици, но и да ги споделат своите идеи за подобрување на улогата и надлежностите на општинските совети кај нас, со цел истите да бидат искористени при подготовката на финалната верзија од Компаративната студија за улогата на општинските совети.

Rabotilnica_14.06

Истовремено, учесниците имаа можност подобро да се запознаат со искуствата на другите земји-членки на Европската Унија, земјите од поширокиот регион на Југоисточна Европа, како и соседните земји во однос на нивните институционални рамки и практики поврзани со улогата и надлежностите на општинските совети.

Студијата, која претставува прва сеопфатна анализа за улогата на општинските совети во нашата земја, има цел да ја подобри ефикасноста на општинските совети при реализацијата на своите надлежности во однос на јавниот финансиски менаџмент и да ја зајакне нивната улога во остварувањето на принципот на добро управување на локално ниво.