Како се одвива процесот на буџетирање во општините? Обука за општинските советници од Валандово и Струмица

Денес и утре во Струмица продолжува спроведувањето на Програмата за развој на капацитетите на општинските советници од општините Валандово и Струмица. Обуката која ќе се спроведе за советниците од овие општини е на тема „Процес на буџетирање во единиците на локалната самоуправа“, а во наредните недели истата ќе се спроведе и за советниците од општините Свети Николе, Велес, Чаир и Охрид.

Покрај оваа, програмата вклучува и обуки на други теми од јавниот финансиски менаџмент, просторното и урбано планирање, но и на теми поврзани со меѓуопштинската соработка и родовата рамноправност на локално ниво.

6_3

Целта на програмата е да ја зајакне улогата на општинските советници во локалната демократија, преку тренинг обуки на вкупно 11 теми кои произлегуваат од нивните законски надлежности.

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.