Зајакнување преку финансиска поддршка за приоритетните активности во општините

Сите 24 општини кои ќе бидат дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка ќе бидат опфатени со трите компоненти на зајакнувањето на капацитетите на советниците.
Целта на оваа компонента е да се подобри транспарентноста и одговорноста на сите општински тела и учеството на граѓаните во одредувањето на приоритетите на локалните буџетски тела.
Грантовите ќе бидат искористени за поттикнување на општините на мерлив начин да ги подобрат односите на советот со граѓаните и извршните општински тела.
За да добијат грантови, сите општински тела ќе мора да работат за создавање услови за ефективно учество на граѓаните во општинските програми и подготовка на буџетот.
Темелот на оваа компонента за зајакнување на советите ќе буде успешната програма на Швајцарската агенција за соработка и развој “Форуми во заедницата”, која беше воведена како механизам за обезбедување на учеството на граѓаните во процесот на носење одлуки во повеќе од 2/3 од општините во Македонија. Врз основа на постоечките структури и методологијата развиени од швајцарската агенција ќе бидат распоредувани грантовите, за проекти кои советниците и граѓаните заеднички ќе ги дефинираат како приоритетни.
Со програмата за финансиска поддршка, избраните општини ќе добијат средства во максимален износ од 50.000 швајцарски франци, за најмногу три проекти во секоја општина. Вкупно ќе бидат распоредени еден милион и двесте илјади швајцарски франци за 24 општини во текот на траењето на проектот.
Иако конкретните проекти кои ќе бидат финансирани ќе бидат одредени по консултациите меѓу советниците, локалната администрација и жителите на општините, тие ќе треба да ги адресираат приоритетите на граѓаните како и трансверзалните теми на родовата рамноправност, доброто владеење, социјалната вклученост и меѓуетничка соработка.
За да се обезбеди соодветното распределување на средствата, ќе бидат применети повеќе контролни механизми како што се: трансфер на средства врз основа на напредок, ненајавени проверки а ќе се спроведува и детален и прецизен мониторинг на целиот процес.
Секој одобрен проект ќе треба да исполни повеќе критериуми, како што се: воспоставувањето партнерство меѓу организациите и граѓаните; остварување видливи, практични и мерливи резултати; да биде одржлив и да продолжи да функционира и по крајот на проектот; да содржи значајно и пошироко општествено влијание за прашања важни за маргинализираните групи; да ги адресира подеднакво потребите на мажите, жените, различните етнички групи и да го поддржи нивното учество во спроведувањето на проектот.
Пример за вакви проекти се: центри за грижа за бездомниците; подобрувања на училишната инфраструктура прилагодени на децата со телесна попреченост; инклузивни младински центри и мулти-културни активности за младите; засолништа и центри за грижа за жртвите на родово базирано и домашно насилство ; програми за социјална заштита на деца и млади кои злоупотребуваат дрогa; социјално домување за деца без родители; луѓе со телесна попреченост, роми и останати; градинки и објекти за деца од предучилишна возраст, особено во руралните средини.