Зајакнување на општинските совети: Нов почеток за локалната демокоратија

Повеќе од 70 новоизбрани претседатели на општинските совети учествуваа на форумот „Зајакнување на општинските совети: Нов почеток за локалната демократија” што се одржа на 12 и 13 декември во Струга. Целта на овој форум, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, беше да поттикне дискусија кај претседателите на советите за приоритетите и потребите уште од самиот почеток на нивниот мандат.

DSC_0281
На локалните избори одржани во октомври 2017 г. во најголем дел од општините, избрани се нови градоначалници и општински совети со нови општински советници, и речиси за сите ова е прв пат да се најдат во оваа улога. Ваквите промени наметнуваат предизвици, но и можности на локално ниво.

Новоизбраните претставници треба да ја разберат сопствената одговорност кон нивните избирачи и поради тоа треба да развиваат нови вештини кои ќе им помогнат во исполнување на својата улога, особено во однос на пренесувањето на приоритетите на граѓаните при донесувањето на општинскиот буџет. Фактот што се нови на оваа позиција, им дава шанса да донесат свеж дух во општинските совети и да осигураат дека ќе станат поефективни во претставувањето на граѓанските приоритети и исполнување на нивната улога на надзор.

DSC_0279
„Овој проект доаѓа во вистинско време“ истакна Mинистерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу. Тој понатаму дополни дека „членовите на советите ја имаат најголемата одговорност кон граѓаните бидејќи тие се оние кои одлучуваат за донесувањето на буџетот но и за трошењето на јавните пари, за деталните урбанистички планови, за цените на услугите, за работењето на јавните претпријатија во општината, на градинките и на училиштата”.

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ ќе се спроведува од страна на УНДП во наредните четири години со финансиска поддршка од 3.36 милиони долари обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка. Ова е првиот проект во земјата со специфичен фокус на општинските совети – кои се едни од столбовите на демократијата на локално ниво.

„Традиционалното лице на локалната демократија е лицето на градоначалникот, а општинските совети обично имаат попасивна улога”, изјави Постојаниот преставник на УНДП Луиза Винтон. „Нашата цел е за членовите на советите да обезбедиме совети, алатки и обука за да станат посилни партнери, особено во пренесувањето на приоритетите на граѓаните во општинските буџети, но и во мониторирањето на начинот на кој што се трошат општинските средства за да се осигура дека секој денар ќе се потроши умно, ефикасно и транспарентно.”

„Овој проект е од големо значење за Швајцарија како донатор и за УНДП како имплементатор на проектот”, изјави Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада. „Заеднички ќе работиме на зголемување на ефективноста и автономноста на општинските совети, за да може поуспешно да ги исполнуваат нивните уставно зададени улоги на законодавно тело, надзор и застапување при сите фази од буџетскиот циклус.”

 

Како мотивација за учество во проектните активности, проектот ќе обезбеди грантови за проекти на заедниците во износ од 50,000 УСД за 24 општини во наредните четири години.

На форумот во Струга исто така учествуваа и претставници од Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, Заедницата на единиците за локална самоуправа (ЗЕЛС) и Здружениието на финансиски работници (ЗФР).