Oпштините Велес, Струмица, Валандово и Свети Николе од неодамна започнаа да ги пренесуваат во живо седниците на советот на социјалните мрежи Facebook и YouTube.

Преносот на седниците на советите е дел од програмата „Зајакнување на општинските совети“ која предвидува поддршка во висина од 12,000 швајцарски франци за реализација на проекти кои ја подобруваат транспарентноста и отчетноста на општините, како и учеството на граѓаните во процесот на носење политики на локално ниво.

Во наредниот период, седниците на советите на Facebook и YouTube ќе започнат да ги пренесуваат и општините Чаир, Охрид, Кавадарци, Кочани, Могила, Брвеница и Желино.

Дел од општините одлучија поддршката од програмата да ја искористат за реализација на проекти кои вклучуваат изработка на информатички технологии за зајакнување на комуникацијата помеѓу општинските советници и граѓаните, зголемување на транспарентноста на општината, како и за олеснување на пристапот на граѓаните до документите кои ги издава општината.

Во 2020 година, програмата ќе вклучи дополнителни 9 општини кои ќе бидат избрани низ јавен повик кој ќе биде објавен во текот на месец септември, 2019 година.

Покрај поддршката наменета за подобрување на транспарентноста и отчетноста на општините, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во програмата до крајот на 2020 година.

„Зајакнување на општинските совети” е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци која што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.