Успешно комплетирана Програмата за развој на капацитетите на општинските советници од шест општини

Со последната обука наменета за советниците од општините Чаир и Охрид, викендов во Скопје, завршува спроведувањето на Програмата за развој на капацитетите на општинските советници од општините Велес, Свети Николе, Струмица, Валандово, Чаир и Охрид.

Изминатите осум месеци советниците од овие општини ги подобруваа своите знаења и вештини на 11 теми поврзани со јавното финансиско управување на општините, менаџментот со човековите ресурси, просторното и урбаното планирање, иновациите во управувањето, меѓуопштинската и меѓуетничката соработка, родовата рамноправност и доброто управување на локално ниво.

Вкупно 80 советниците кои учествуваа на тренинг-обуките добија и сертификати за успешно комплетирање на Програмата за развој на капацитетите на општинските советници.

Sertifikat-1

Обуките ги спроведе тим од триесетина експерти и поранешни советници ангажирани и координирани од страна на Здружението на финансиски работници на локалните самоуправи и јавните претпријатија (ЗФР).

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.