Урбанизмот и просторното планирање во општините – тема на новата обука за советниците

Со обука на тема „Просторно и урбано планирање во локалната самоуправа“, викендов во Струмица продолжува циклусот обуки наменети за советниците од општините Струмица и Валандово.

Истовремено пак, во Велес, советниците од оваа општина и советниците од Свети Николе ќе ги подобруваат своите знаења и вештини на теми поврзани со родовата рамноправност и меѓуетничката соработка, додека пак во Охрид, советниците од општините Чаир и Охрид, ќе ги зајакнуваат свите капацитети преку обуки од областите на менаџментот на човечките ресурси, иновациите во управувањето и меѓуопштинската соработка.

ohrid_chair

Претходно, советниците од овие шест општини, успешно ја завршија првата фаза обуки на теми од јавниот финансиски менаџмент во општините и доброто владеење на локално ниво.

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.