Започна втората фаза обуки за развој на капацитетите на општинските советници

Со обуки од областите на менаџмент на човечки ресурси, иновации во управувањето и меѓуопштинска соработка, денес во Струмица започна втората фаза обуки наменети за општинските советници.

Покрај овие, во наредните два месеци, советниците од општините Велес, Свети Николе, Валандово, Струмица, Чаир и Охрид, ќе ги подобруваат своите знаења и вештини и на теми поврзани со урбанизмот и просторното планирање, меѓуетничката соработка и родовата рамноправност на локално ниво.

objava

Претходно, советниците од овие шест општини, успешно ја завршија првата фаза обуки на теми од јавниот финансиски менаџмент во општините и доброто владеење на локално ниво.

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.