Претстојните два дена, во Велес и Охрид, продолжуваат обуките наменети за општинските советници. Советниците од Свети Николе и Велес ќе ги подобруваат своите знаења од областа на просторното и урбаното планирање во општините, додека пак советниците од Чаир и Охрид ќе ги зајакнуваат своите капацитети на теми поврзани со родовата рамноправност и меѓуетничката соработка на локално ниво.

chair.ohrid

Во меѓувреме, советниците од општините Струмица и Валандово го завршија вториот циклус обуки и со тоа станаа првите советници кои ја комплетираа Програмата за развој на капацитетите на општинските советници.

Претходно, советниците од овие шест општини, успешно ја завршија првата фаза обуки на теми од јавниот финансиски менаџмент во општините и доброто владеење на локално ниво.

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.