Со обуката спроведена за советниците од општините Охрид и Чаир на тема финансиска контрола и ревизија во единиците на локалната самоуправа, изминатиот викенд заврши првата фаза од Програмата за развој на капацитетите на општинските советници.

Низ обуки кои ги спроведе тим од експерти изминатите три месеци, вкупно 80 советници од Велес, Свети Николе, Валандово, Струмица, Чаир и Охрид ги подобруваа своите знаења на теми од јавниот финансиски менаџмент во општините, истовремено стекнувајќи нови вештини за зајакнување на улогата на советите во доброто управување на локално ниво.

Cair - Ohrid 1

Втората фаза од Програмата за развој на капацитетите на општинските советници продолжува во Септември, а советниците од овие шест општини ќе добијат обуки на теми поврзани со иновациите во управувањето, меѓуопштинската соработка, просторното и урбаното планирање, управувањето со човековите ресурси, меѓуетничката соработка и родовата рамноправност на локално ниво.

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.