Иновативните алатки за потранспарентни општини во земјава меѓу глобалните победници на Партнерство за отворена власт

Скопје, 17 декември, 2021 – Во конкуренција на повеќе од 100 апликации, иновативните алатки за поголема транспарентност и отчетност на општините во земјава ја освоија третата награда на европско ниво, за влијание во подобрувањето на животот на луѓето и квалитетот на демократијата, на Глобалниот самит за Партнерство за отворена власт кој се одржува во Сеул, Република Кореја. Станува збор за група алатки кои беа креирани и ставени во функција во изминатите четири години и придонесоа за подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво, овозможија следење во живо на седниците на 18 општини, како и директно вклучување на граѓаните во процесот на носење одлуки во 24 општини. Активностите беа спроведени во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“, чиј носител е Министерството за локална самоуправа.

„Ова глобално признание е резултат на повеќегодишни напори и активности, кои ги спроведовме заедно со нашите партнери, во насока на поголема отвореност и транспарентност на општините, но и подиректна вклученост на граѓаните во процесите на одлучување. Во пракса, активностите придонесоа за брз и лесен пристап до податоците за реализација на општинските буџети, носење одлуки врз основа на релевантни и достапни податоци, како и реализација на проекти од јавен интерес предложени директно од граѓаните“, оценува министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Заложбата за транспарентни општини се спроведе во рамки на швајцарскиот проект „Зајакнување на општинските совети“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии.

„Остварувањето на оваа заложба покажа дека кога граѓаните се присутни во процесот на донесување одлуки и финансиско планирање, ефективноста и ефикасноста на јавните услуги се подобрува. Вклученоста на граѓаните во овој процес исто така придонесува за отчетноста и транспарентноста на властите, како и довербата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Честитки за Северна Македонија за ова признание, имено се надевам дека истото ќе поттикне одржлив раст на овие алатки, а со тоа и поголема вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки во иднина“, изјави Вероник Улман Марти, амабасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија.

„УНДП посветено работи на развивање на локалната демократија и надградување на капацитетите на општините, бидејќи веруваме дека токму тоа е клучен предуслов за одржлив развој и подобри услови за живот за сите граѓани. Ова признание е „ветер во грб“ да опстоиме на нашата  цел постоечките алатки да бидат прифатени од сите локални самоуправи во државата, но и да креираме нови иновативни решенија за поголема отвореност на општините кон граѓаните“, рече Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Национален координатор на иницијативата Партнерство за отворена власт, која се спроведува од 2011 година е Министерството за информатичко општество и администрација.

„Би сакал да споделам дека Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада, а добиената награда на Глобалниот самит е вистинска и искрена потврда дека заедничкиот труд и партнерскиот однос на Владата, граѓанскиот сектор и донаторската заедница обезбедува функционални и долгорочни решенија за предизвиците пред кои сме исправени како општество. Од приклучувањето на оваа иницијативата во 2011 година, преку пет акциски планови посветено се следи потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на носење одлуки, воведување поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија. Со новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2021-2023 година потврдена е заложбата дека и во наредниот период ќе се продолжи со посветена работа на  јавниот сектор, од кој се очекува во партнерски однос со засегнатите страни да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови“,  истакна министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

Глобалниот самит во Република Кореја се одржува во рамки на десетгодишниот јубилеј на иницијативата Партнерство за отворена власт, а приоритетни теми се зајакнување на вклученоста на граѓанскиот сектор и јавноста, справување со корупцијата и промовирање инклузивни дигитални иновации.