Десет општини вклучени во втората фаза од Програмата за Зајакнување на општинските совети

Општините Аеродром, Карпош, Арачиново, Неготино, Штип, Прилеп, Крива Паланка, Боговиње, Дебрца и Ново Село се првите десет општини кои се вклучуваат во втората фаза на програмата „Зајакнување на општинските совети“ откако беа избрани преку јавен повик за учество на кој аплицираа 30-ина единици на локалната самоуправа од државата.

Во наредните 18 месеци, околу 150 советници од овие општини ќе имаат можност да учествуваат во Програмата за развој на капацитетите на општинските советници која вклучува обуки на вкупно 11 теми поврзани со јавен финансиски менаџмент, просторно и урбано планирање, добро управување и борба против корупција, меѓуопштинска соработка, родова рамноправност, животна средина и справување со кризи на локално ниво.

Истовремено, секоја од десетте општини ќе има можност да искористи грант во висина од 40.000 до 60.000 долари за проекти кои ќе бидат избрани низ директна консултација со граѓаните преку Форуми во заедниците. Проектите финансирани преку програмата ќе имаат за цел да ги подобрат социјалните услуги за најранливите категории граѓани, при тоа подеднакво решавајќи ги нивните потреби без разлика на родовата, етничката или која било друга припадност.

Дополнително, секоја од овие општини ќе добие финансиска поддршка во висина од 10,000 до 12,000 долари наменети за воведување иновативни алатки за подобрување на отчетноста, транспарентноста и учеството на граѓаните во работата на општинските совети.

До 2027 година, програмата ќе вклучи дополнителни 30 општини кои исто така ќе бидат избрани преку три нови јавни повици.

„Зајакнување на општинските совети – фаза 2” е програма со вкупна вредност од 6,6 милиони долари, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во првата фаза од програмата, која се спроведуваше во периодот 2016-2022 година, беа вклучени вкупно 24 општини. Покрај успешната реализација и поддршката која ја добија општините, иновативните алатки за поголема транспарентност и отчетност креирани во рамки на програмата ја освоија третата награда на европско ниво на Глобалниот самит за Партнерство за отворена власт кој се одржа во Сеул, Република Кореја во декември 2021 година.