Подобрени условите за децата со попреченост и младинските организации во Општина Центар

На последователната форумска сесија организирана на 1 јули во Општина Центар, беа презентирани реализираните проекти избрани од граѓанитe преку Форумите во заедницата кои беа спроведени во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Во изминатиот период, преку процесот Форуми во заедницата и директно учество на граѓаните од Општина Центар, беше реализиран проект со кој во градинките „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Р.Ј. Корчагин“ беа подобрени условите за социјална инклузија, преку изградба на сензорни соби за развој на моторните способности кај децата со сетилна попреченост.

Дополнително, со дел од грантот добиен од Швајцарската агенција за развој и соработка но и со кофинансирање од Општината, поранешното матично одделение беше адаптирано во Младински центар кој во иднина ќе биде дом на многубројните младински организации и ќе служи за едуцирање, дебатирање и социјализација на младите од овој дел на градот.

Младинскиот центар „Матично“ располага со голема конференциска сала, која ќе се користи за одржување едукативни, културни и забавни настани. Центарот има и читална, како и соба за релаксација (chill zone) која е опремена со најразлични содржини за социјализација и едукација. Просторот на Младинскиот центар е конципиран согласно европските стандарди и е целосно инклузивен овозможувајќи пристап за лицата со попреченост.

Реализацијата на овие проекти во Центар се овозможи преку грант на Швајцарската агенција за развој и соработка во износ од 50.000 швајцарски франци за секоја од општините, а истите беа спроведени од страна на Програма за развој на обединетите нации – УНДП во партнерство со општините.

На последователните форумски сесии, покрај спроведените проекти, беа презентирани и активносите кои се преземаат од страна на општините за реализација на дел од другите проекти и препораки дадени од страна на граѓаните во текот на форумскиот процес.

Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од УНДП во соработка со локални партнери, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои учествуваат во проектот.