Општина Богданци ќе добие поддршка за уредување на повеќенаменско спортско-рекреативно катче за деца и млади

Во рамките на Швајцарскиот проект „Зајакнување на општинските совети“ кој го спроведува УНДП, Општина Богданци спроведе дополнителна форумска сесија каде на граѓаните им беше овозможено да изберат уште една иницијатива за реализација со преостанатите средства кои ги доби Општината преку учеството во проектот.

Во текот на 2020 година Општина Богданци спроведе Форуми во заедницата, каде низ четири форумски сесии граѓаните и невладините организации на оваа општина имаа прилика да креираат, дискутираат и одлучуваат за приоритетни иницијативи кои би се реализирале во општината со финансиска поддршка од 50,000 CHF од проектот за Зајакнување на општинските совети.

Низ четирите форумски сесии, граѓаните на општина Богданци дадоа приоритет на иницијативата „Безбеден граѓанин – Среќен граѓанин“, која веќе е во целост реализирана а опфати голем број на активности за уредување на режимот на сообраќај и поставување на сообраќајни знаци во Општината. Вкупната вредност на оваа иницијатива изнесуваше 2,155,414 денари.

Имајќи предвид дека за реализацијата на оваа иницијатива Општина Богданци не го искористи грантот од 50,000 CHF во целост, на 15 февруари се организираше дополнителна форумска сесија каде граѓаните ги разгледаа преостанатите иницијативи и како приоритет ја утврдија иницијативата „Уредување на повеќенаменско спортско-рекреативно катче за деца и млади“, која ќе се спроведе со преостанатите средства од проектниот грант, како и со кофинансирање од страна на општината.

Реализацијата на оваа иницијатива ќе тече во наредните неколку месеци, а во неа се предвидени активности за просторно уредување и опремување со реквизити за спорт и рекреација на деца и млади.

Дополнително, општина Богданци ќе се заложи во текот на годината со сопствени средства да ја реализира и трето-рангираната иницијатива произлезена од Форумите во заедницата: „Опремување и партерно уредување на дом на култура во Стојаково“.

Општина Богданци е една од 24-ите општини вклучени во проектот „Зајакнување на општинските совети“ преку кој се подобруваат капацитетите на општинските советници во државата, а вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се наменети за грантови за реализација на приоритетни иницијативи во сите општини учеснички.