Шест општини влегоа во програмата финансирана од Швајцарија за зајакнување на локалната демократија

Во рамките на програмата за зајакнување на општинските совети, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), на 9 февруари 2018 година, потпиша меморандум за соработка со шест општини, Валандово, Велес, Охрид, Свети Николе, Струмица и Чаир. Советници од шесте избрани општини ќе добијат обука и поддршка со цел да овозможат буџетите на општината да се планираат и трошат во насока на очекувањата на жителите, а за таа цел ќе добијат и грантови во висина од 50.000 швајцарски франци.

На свеченото потпишување присуствуваа амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, министерот за финансии, Драган Тевдовски и Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

 

photo 2

 

„Овој проект е значаен затоа што за прв пат е посветено внимание на советите на општините, органи кои имаат исклучителна улога како контролен механизам на работата на градоначалниците, но и за развој на демократијата преку претставување на граѓанските интереси“, изјави Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа. „Локалната демократија е услов за градење демократско општество“.

Проектот, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и е имплементирана од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството во финансии, Здружението на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и сестринската агенција UN Women.

„Традиционално, овде, градоначалникот е лицето на локалната демократија“, рече Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон. „Наша цел е да им помогнеме на општинските совети да станат посилен партнер, да осигураат секој денар од локалниот буџет да биде потрошен на вистинските потреби на жителите на општината. Ова е суштината на Целите за одржлив развој, кои не обврзуваат да градиме ефикасни, одговорни институции на сите нивоа“.

 

Photo 4

 

„Швајцарија е многу задоволна од партнерството со УНДП во напорите да ја зајакне улогата на општинските совети и да им овозможи на советниците соодветна обука, можности за соработка и професионална размена, на национално и меѓународно ниво“, изјави амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада.

Првите шест општини се избрани во подготвителната фаза на проектот во 2016 и 2017 година. При изборот се запазени неколку критериуми, да има урбани и рурални општини, мали и големи, такви што немаат финансиски проблеми и такви што имаат финансиски тешкотии. Преку серија повици, во 2019 и 2020 година ќе бидат избрани уште 18 општини кои ќе влезат во оваа програма. Од целокупниот буџет на проектот, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за 24-ите општини за реализација на приоритетни иницијативи за заедницата.

 

photo1

 

„Oвој проект ќе придонесе кон промена на начинот на работење на општините“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски. „Преку зајакнување на комуникацијата меѓу членовите на советот и граѓаните, потребите и проблемите во општината ќе бидат појасни и повидливи. Ова значително ќе придонесе во подобрување на работата и навремено и соодветно решавање на проблемите“.