Со швајцарски проект обучени над 240 општински советници од 24 општини во изминатите две и пол години

Со последната обука која се одржа минатиот викенд, заврши спроведувањето на тренинзите за развој на капацитетите на општинските советници од општините Берово, Зрновци, Валандово, Битола, Крушево, Вевчани, Чашка и Тетово. Вкупно 70 советници кои учествуваа на обуките добија сертификати.

Изминатите осум месеци советниците од овие општини ги подобруваа своите знаења и вештини на 11 теми поврзани со јавното финансиско управување на општините, менаџментот со човековите ресурси, просторното и урбаното планирање, иновациите во управувањето, меѓуопштинската и меѓуетничката соработка, родовата рамноправност и доброто управување на локално ниво.

Обуките ги спроведе тим од триесетина експерти и поранешни советници ангажирани и координирани од страна на УНДП и Здружението на финансиски работници на локалните самоуправи и јавните претпријатија (ЗФР).

Почнувајќи од 2018-та годинa, досега над 240 советници од 24 општини ги комплетираа обуките кои исто така се достапни и во електронска верзија на платформата за е-учење наменета за сите општински советници во државата.

Покрај интерактивни обуки на сите 11 теми од Програмата за развој на капацитетите на општинските советници, платформата за е-учење им овозможува на советниците меѓусебно да комуницираат, разменуваат идеи и да ги споделуваат успешните практики од своите општини со своите колеги советници од другите општини во државата.

Обуките и платформата за е-учење за општинските советници се дел од проектот на Швајцарската Амбасада/Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.5 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Здружението на финансиски работници и други национални и локални партнери.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои учествуваат во проектот.