Силна поддршка меѓу единиците на локалната самоуправа за проектот „Зајакнување на општинските совети“

Од 17-ти до 19-ти Февруари, во хотелот Сириус, во Струмица, се одржа работилница за проектот на Швајцарската Агенција за развој и соработка: “Зајакнување на општинските совети”.

Во присуство на претседателите на општинските совети и во партнерство со ЗЕЛС, проектниот тим на УНДП одржа три презентации за клучните компоненти на проектот, кои треба да го овозможат остварувањето на виталната врска на отчетност меѓу советниците и граѓаните, која ќе води кон подобрување на локалната демократија и локалната самоуправа како целина.

Првата презентација се однесуваше на вмрежувањето на општинските советници, каде како една од алатките која ќе се користи за потребите на швајцарскиот проект, беше претставена и е-Платформата за учење. Платформата за учење ќе обезбеди пристап до базични и продлабочени содржини за обука, како и релевантни материјали, информации за тековни случувања и настани и релевантни податоци од интерес за советниците.

Истовремено, во рамките на е-Платформата за учење ќе биде администриран и форум за размена на информации, податоци, мислења и комуникација меѓу советниците. Во продолжение беше презентирана и предлог програмата за развој на капацитетите на општинските советници.

Во оваа програма интегрирани се приоритетните теми за обука и клучните предизвици со кои се соочуваат советниците, како што се: финансиските процедури, улогата на советниците во фискалните прашања од работата на општините , потребата од потемелно разбирање на буџетските прашања. Проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку повеќе модули на обука фокусирани на клучните прашања поврзани со буџетското и финансиското работење на општините, несомнено ќе го зајакне капацитетот на советниците за вршење на нивната функција во системот на локалната самоуправа.

Значителен интерес кај претседателите на општинските совети предизвика и третата презентација, насочена кон примената на иновативни пристапи за поефективно и поефикасно функционирање на општинските совети. Во оваа насока, проектот поддржан од швајцарската агенција за соработка и развој ќе содржи низа иновативни мерки како на пример идејата за имплементирање на мониторинг на локалните услуги во реално време од страна на граѓаните.

Сите презентации во Струмица беа проследени со активни дискусии на учесниците, што секако создаде можност за соодветно прилагодување на интервенциите според потребите на општинските советници и останатите засегнати страни и корисници.