Родовата еднаквост на локално ниво – тема на дискусија на собраниската Комисија за еднакви можности

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието на Република Северна Македонија одржа работен состанок на кој што освен членовите на Комисијата учествуваа и претставници на Министерството за труд и социјална политика, Интер – ресорската консултативна и советодавна  група  за еднакви можности на жените и мажите, Координаторките за еднакви можности на Министерствата, членови на локалните Комисии за  еднакви можности, претставници на невладиниот сектор и експерти како и претставници на дипломатскиот кор и на меѓународните организации активни во полето на родовата еднаквост.

Во име на проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), пред присутните се обрати г-ѓа Жаклина Гештаковска Алексовска која што ги презентираше активностите на проектот и програмата во полето на родовата еднаквост. Во своето обраќање, г-ѓа Гештаковска Алексовска посебно се осврна на обуките кои се организираат за членовите на советите на општините и за членовите на локалните Комисии за  еднакви можности, за работата на Тематската работна група за родова еднаквост на Советите на општините, за поддршката која што проектот ја дава во насока на вмрежување и лобирање на жените советнички на национално и на меѓународно ниво како и за другите придобивки од проектот и предизвиците на локалните комисии. Истовремено беа споделени препораки од тематската група за родова еднаквост, кои долгорочно ќе ја подобрат работата на Комисиите, како двигатели на еднаквите можности на жените и мажите во локалните заедници.

Работниот состанок на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието на Република Северна Македонија се оддржа на 3 февруари 2020 год.