Резултатите од подготвителната фаза на проектот “Зајакнување на општинските совети”

Во периодот од 10-ти Јули 2015-та до 10-ти Март 2016-та беа спроведени подготвителните активности за проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка “Зајакнување на општинските совети”, кој го спроведува програмата за развој на Обединетите Нации.

Проценките кои се основа на дизајнирањето на проектот беа направени преку сеопфатни анализи на податоци, независни анализи и разговори со повеќе претставници на власта на локално и централно ниво, вклучувајќи и 170 членови на општинските совети. За потребите на проектот беа организирани 30-тина консултативни настани, на кои учествуваа повеќе од 700-тини лица, претставувајќи ги сите релевантни засегнати страни, меѓу нив и 330 советници.

Подготвителната фаза му овозможи на УНДП да го тестира и прецизира концептот на проектот на транспарентен и партиципативен начин, овозможувајќи простор и време за спроведување на неопходните прилагодувања. Подготвителната фаза ги зацврсти и клучните партнерства за имплементација на проектот.

Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Министерството за Финансии и Министерството за Локална Самоуправа беа активно вклучени во подготовките на проектот а продолжувањето на оваа соработка ќе ги засили очекуваните ефекти и неговата одржливост. Тесна соработка беше остварена и со клучниот партнер на УНДП за имплементација на проектот – “Здружението на финансиски работници”.

Најзначајниот резултат од спроведените активности е силната потврда дека сите засегнати страни сметаат дека проектот е исклучително релевантен и со ентузијазам ја очекуваат неговата успешна имплементација. Потребата од зајанување на улогата на општинските совети е јасно дефинирана и поддржана. Истовремено, беше создадена основа за функционално партнерство со сите засегнати страни, од кои се очекува да бидат силни сојузници во остварувањето на целите на проектот. Подготвителната фаза го зајакна и чувството на поврзаност со проектот и неговите цели кај сите релевантни засегнати страни, од кои се очекува активно да учествуваат во предвидените активности, а кои ги сметаат за исклучително значајни за своите општини.