Работилница – Родово одговорни буџети преку добри практики во време на пандемија

СКОПЈЕ – Во рамките на проектот на Швајцарската Амбасада во Северна Македонија „Зајакнување на општинските совети“, имплементиран од УНДП, на 5 ноември беше организирана виртуелна работилница на тема „Планирање на родово одговорни буџети за 2021“. На работилницата иницирана од УНДП, ЗЕЛС, UN Women имаше над 30 учесници со претставници од над 20 општини (Претседатели/ки на совети и на Комисии за еднакви можности и координаторки/и за еднакви можности). Оваа работилница одговори на потребите на општините при изготвување на буџетите за 2021 година, особено имајќи ја предвид состојбата дека во огромен број на општини, поради пандемијата со Ковид-19, не беа реализирани предвидените активности за унапредување на родовата еднаквост. Едновремено постојат позитивни искуства на планирање на примена на родово одговорно буџетирање (РОБ) при креирање на мерки за време на криза, а беа презентирани примери од две општини кои можат да ги следат и прилагодат кон свои услови и другите општини.

Беа презентирани наодите од Мапирањето за влијанието на КОВИД-19 врз социо-економската состојба на жените на локално ниво и студијата за Влијането на Ковид 19 врз жените во РСМ изработени од UN Women. Некои од поважните прашања беа како да обезбедиме буџетот за 2021 да биде родово одговорен и кои алатки се на располагање за прилагодување на планираните активности. Исто така беше истакната потребата да се искористат сите расположливи ресурси, вклучувајќи ги КЕМ и координаторите/ките за еднакви можности.

Учесниците искажаа задоволство и благодарност за исклучително корисен состанок, а со цел зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа во планирање на родово одговорни буџети за 2021 година. Заклучоците на состанокот беа следните:

  • Годишните буџети на локалната самоуправа е неопходно да бидат родово одговорни, а тој процес е возможен само преку активна вклученост на Комисиите за еднакви можности и координаторите за еднакви можности.

  • Пандемијата ги интензивираше нееднаквостите а кризата делува различно на жените и мажите. Жените се поизложени на последиците на здравствената криза, а особено во неплатениот труд каде жените го превземаат најголемиот товар. Тоа мора да се земе предвид во планирање на мерки за справување со пандемијата.

  • Добрите практики на одделни општини во примена на родово сензитивни мерки за справување со пандемијата се поттик за другите општини да ги применат и прилагодат кон своите услови.

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ директно соработува со 24 општини, во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women). Преку проектот досега беа спроведени низа на активности за зајакнување на капацитетите на советниците и нивно вмрежување, како зголемување на транспарентноста и граѓанското учество на општините. Во овој контекст досега одржани се 60 форумски сесии во рамки на 15 форумски процеси, на кои учествуваа над 4.000 граѓани, жители од избраните општини. Овој процес досега резултираше со шест реализирани проекти за локален развој, додека  во текот на 2020 година ќе бидат спроведени дополнителни 18 слични проекти во исто толку општини.

Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во политичката, општествената и економската транзиција од 1992 година. Моменталната цел на програмата на Швајцарија во земјата е подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните на Северна Македонија преку зајакнување на демократските институции и пракси, промовирање н инклузивен економски раст и заштита на природните ресурси. Швајцарија додава вредност преку експертиза, финансирање и конструктивен ангажман со долготрајните партнери во Северна Македонија. Денеска, Швајцарија е меѓу најголемите билатерални партнери на Северна Македонија и останува посветена на стабилноста и просперитетот на регионот.