Промовиран проектот “Зајакнување на општинските совети”

Денеска пред советниците на општините беше промовиран новиот проект “Зајакнување на општинските совети”, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Во наредните четири години, проектот во вредност од 3,4 милиони швајцарски франци ќе биде ипмлементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со Министерството за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Целта на овој проект е поддршка на системот на одговорна и транспарентна локална власт во која демократски избраните претставници ефективно работат заедно, за дефинирање на развојните приоритети во согласност со потребите на граѓаните.

Во своето воведно обраќање, министерката за локална самоуправа, Ширет Елези, рече дека зајакнувањето на капацитетите на советите ќе го унапреди процесот на транспарентно и инклузивно донесување одлуки, што е услов за обезбедување на оддржлив развој на локалните заедници.

“Работата на Советите е огледало на успешноста на процесот на децентрализација но и на демократскиот капацитет за решавање на прашањата од интерес на граѓаните” – изјави министерката Елези.

Швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Техада, потенцираше дека со овој проект продолжува активната поддршка на процесот на децентрализација.

“Со овој проект сакаме да ги поддржиме општинските совети да станат подобри во извршувањето на нивната претставничка и контролна улога. Поголема транспарентност и отчетност ќе создаде подобри услови за бизнис и поодржлива иднина за сите граѓани.” – изјави амбасадорката Техада.

Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, изјави дека овој проект претставува продолжување на долгорочната поддршка што УНДП ја дава на процесот на децентрализација и на создавање на силни локални и регионални институции.

“Проектот е инспириран од фундаменталниот демократски принцип дека државата и нејзините институции треба да бидат отчетни пред граѓаните.”

Претседателот на Комитетот на совети, Трајче Донев, изјави дека зајакнувањето на капацитетите ќе се спроведува со традиционални и иновативни методологии.

“Проектот ќе овозможи техничка помош за вмрежување на советниците околу заедничките интереси за подобрување на условите за работа и целосно остварување на позицијата на советите во системот на локална самоуправа” – изјави Донев.