Продолжуваат обуките за советниците, овојпат во фокусот се родовата рамноправност и меѓуетничката соработка на локално ниво

Со обуки од областите на родовата рамноправност и меѓуетничката соработка, денес во Струмица продолжува циклусот обуки наменети за советниците од општините Струмица и Валандово. Истовремено, во Велес, советниците од оваа општина и советниците од Свети Николе ќе ги подобруваат своите знаења и вештини на теми поврзани со менаџментот на човечките ресурси, иновациите во управувањето и меѓуопштинската соработка.

Покрај овие обуки, во наредните два месеци, советниците од општините Велес, Свети Николе, Валандово, Струмица, Чаир и Охрид, ќе ги зајакнуваат своите капацитети и на теми поврзани со урбанизмот и просторното планирање на локално ниво.

gender equality2

 

Претходно, советниците од овие шест општини, успешно ја завршија првата фаза обуки на теми од јавниот финансиски менаџмент во општините и доброто владеење на локално ниво.

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.