Организиран состанок за справување со семејно насилство во услови на пандемија

Во рамките на проектот на Швајцарската Амбасада во Северна Македонија „Зајакнување на општинските совети“, имплементиран од УНДП, вчера беше организиран виртуелен состанок на тема „Зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа за справување со семејно насилство во услови на пандемија“. На состанокот инициран од УНДП, ЗЕЛС, UN Women имаше над 30 учесници со претставници од над 15 општини (претседатели/ки на совети и на Комисии за еднакви можности) и претставници од Министерството за труд и социјална политика. Повод за средбата беше растечкиот степен на семејното насилство како последица на мерките за самоизолација кои се преземаат за справување со пандемијата на КОВИД-19.

Учесниците беа информирани околу тековната состојба на засилен ризик од семејно насилство, со особен акцент на начините на пријавување и институционалните механизми за справување со родово базирано насилство. Елена Димушевска, Извршна директорка на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ја потенцираше улогата на општините во информирање на граѓаните и потенцијалните жртви за начините на пријавување и поддршка. Таа истакна дека во период на ограничено движење и намален пристап до сервиси за поддршка на жртви на семејно насилство, локалната самоуправа е клучна во процесот на обезбедување на помош за жртвите и на навремени информации за пријавување на насилството. Националната мрежа испрати барање за итни мерки за заштита на жените и децата жртви на семејно насилство до Владата на Република Северна Македонија. Дел од овие мерки се однесуваа на локалната самоуправа и беа презентирани на средбата со претставниците од општините.

Учесниците искажаа задоволство и благодарност за исклучително корисен состанок, а со цел зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа во справување со случаите на семејно насилство беа идентификувани активности и мерки кои ќе се преземат во рамките на проектот. Заклучоците на состанокот беа следните:

  • Проектот ќе обезбеди споделување на информации со општините за начини на пријавување семејно насилство со цел информирање на граѓаните преку своите веб страни и социјалните медиуми, како и споделување со најранливите категории граѓани;

  • Има потреба од подобра координација и соработка меѓу сите чинители за што поуспешно справување со родово базирано насилство на локално ниво;

  • Веќе постојат добри практики, но има потреба и од зајакнување на капацитетите на општините, како и од засилена кампања за пријавување на случаи и поддршка на потенцијалните жртви; и

  • Според потребите, Проектот ќе овозможи обуки за општинските кадри за тоа како да се справуваат со случаи на семејно и родово базирано насилство.

За време на состанокот, Јована Тренчевска, Државниот секретар при Министерството за труд и социјална политика истакна дека Министерството презема мерки со цел жртвите на семејно насилство да добијат соодветна помош и заштита. Жртвите на семејно насилство можат да се јават на Националната бесплатна мобилна СОС линија за жртви на семејно насилство, која обезбедува 24 часовна поддршка. Ова е еден од 18 државни сервиси достапни за жртвите на семејното насилство. Тренчевска додаде дека во случаи кога постои сознание за семејно насилство, тоа да се пријави до најблиската полициска станица или центар за социјална работа, независно дали е полициски час.

Низ целиот свет, пандемијата ги продлабочува постоечките нееднаквости, меѓу кои и родово базираното насилство. Како што истакна Антонио Гутереш, Генералниот секретар на ОН, КОВИД-19 предизвикува негативни економски и социјални ефекти кои заедно со мерките за ограничување на движењето и физичка изолација доведуваат до зголемување на ризикот од родово базирано насилство. Многу потенцијални жртви на родово базирано насилство се принудени да бидат „затворени“ заедно со насилниците, додека истовремено е намалена достапноста на услугите за поддршка на жртвите.

Како последица, стапката на семејното насилство расте во повеќе земји од светот: За 30% во Франција и Кипар, за 32% во Сингапур, а се бележи раст и во Канада, Германија, Шпанија, САД и Велика Британија. За жал истото се случува и во нашата земја, иако бројот на пријави во моментот не бележи зголемување на бројот, сепак постојат наводи дека бројката на кривични пријави е зголемена како и бројката на поплаки поврзани со семејно насилство. Добрите пракси во справување со овој зголемен ризик се: засилени превентивни мерки, зголемени капацитети на засолништа, определување на безбедни места за жртвите да можат да пријават насилство (како аптеки и супермаркети), засилување на онлајн услуги и кампањи за јакнење на свесноста за овој проблем, особено кај мажите.

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ директно соработува со 24 општини, во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women). Преку проектот досега беа спроведени низа на активности за зајакнување на капацитетите на советниците и нивно вмрежување, како зголемување на транспарентноста и граѓанското учество на општините. Во овој контекст досега одржани се 60 форумски сесии во рамки на 15 форумски процеси, на кои учествуваа над 4.000 граѓани, жители од избраните општини. Овој процес досега резултираше со шест реализирани проекти за локален развој, додека  во текот на 2020 година ќе бидат спроведени дополнителни 18 слични проекти во исто толку општини.