Општинските советници дискутираа за претстојната учебна година

Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ на Швајцарската амбасада во Северна Македонија, спроведен од УНДП, беше организиран состанок на тематската работната група за јавни дејности за да се дискутираат предизвиците наметнати од пандемијата Ковид-19 во врска со функционирањето на локалните јавни дејности со посебен нагласок на образованието. Виртуелниот состанок инициран од УНДП и ЗЕЛС собра 22 учесници (претседатели и членови на општинските совети и раководители на одделенија за јавни дејности од 11 општини) за да дискутираат за предизвиците во организацијата на претстојната учебна година, како и да дискутираат за тоа како да се зајакне улогата на општинските совети во сите области на јавните дејности.

Како резултат на оваа дискусија беа извлечени следните заклучоци и препораки:

– Потребно е поголемо вклучување на претставниците на ЕЛС во консултативните процеси на централната власт, како и во донесувањето одлуки за прашања поврзани со почетокот на новата учебна година;

– Министерството за образование треба да подготви повеќе сценарија за започнување на новата учебна година, од кои секоја општина ќе го избере најсоодветното сценарио за нив;

– Во соработка со донаторската заедница во земјата, централната власт треба да ги поддржува општините и училиштата во обезбедување на неопходните предуслови за одржување на онлајн часови (лаптопи, интернет конекција и сл.);

– Треба да се доделат дополнителни средства на општините за спроведување на воспитно-образовниот процес бидејќи почитувањето на сегашните протоколи за заштита од КОВИД-19 генерира нови и поголеми трошоци за општините;

– Министерството за образование треба да ги олесни процедурите за ангажирање на нови кадри во дефицитарните области и да ја олесни мобилноста на персоналот помеѓу училиштата;

– Потребна е промена на формулата за пресметка на блок дотациите наменети за општините во областа на образованието. Тековната формула треба да се смени, а пресметките треба да се направат врз основа на бројот на ученици во општината/училиштето.

Тематската работна група за јавни дејности е дел од седумте тематски групи на општинските советници формирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.