Обуки од областа на јавниот финансиски менаџмент за советниците од четири општини

Денес и утре во Струмица и Велес продолжува спроведувањето на Програмата за развој на капацитетите на општинските советници. Низ обуки кои ќе ги спроведе тим од експерти, советниците од општините Валандово и Струмица ќе ги подобрат своите вештини во управувањето со обврски, набавки и приходи во локалната самоуправа, додека пак советниците од општините Велес и Свети Николе ќе имаат можност да ги продлабочат своите познавања за процесот на буџетирање во единиците на локалната самоуправа.

 

Покрај овие, програмата вклучува и обуки на други теми од јавниот финансиски менаџмент, просторното и урбано планирање, но и на теми поврзани со меѓуопштинската соработка и родовата рамноправност на локално ниво.

Целта на програмата е да ја зајакне улогата на општинските советници во локалната демократија, преку тренинг обуки на вкупно 11 теми кои произлегуваат од нивните законски надлежности.

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.