Обука за општинските советници за управување со буџетот и локалните даноци во време на пандемија

Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ на Швајцарската амбасада во Северна Македонија кој што го спроведува УНДП, беше организирана виртуелна обука на тема „Зајакнување на капацитетите на општинските совети за буџетирање и управување со локалните даноци во време на пандемија“. На обуката која што беше иницирана од страна на УНДП, ЗЕЛС и Здружението на финансиските работници, учествуваа 30 учесници и претставници од 15 општини за да разговараат за актуелното намалување на економската активност по избувнувањето на КОВИД-19, по што многу општини се соочуваат со намален прилив на средства, додека барањата на граѓаните за локални услуги се зголемуваат.

Учесниците разговараа за тоа како да се зајакне кондицијата на општинските буџети и да се споделат најдобрите практики за прераспределување на буџетот за ефикасно решавање на социо-економските последици од пандемијата. Како резултат на оваа дискусија беа извлечени следните заклучоци:

  • Проектот да продолжи да обезбедува стручна (експертска) поддршка на општинските совети за извршување на нивните одговорности во областа на локалните јавни финансии во време на пандемија;

  • Преговорите меѓу претставниците на централната и локалната власт да се иницираат пред да започне процесот на буџетирање за 2021 година, со цел да се разгледаат предизвиците и потребите на општините и заеднички да се одлучи за најдобрите опции;

  • Општините се охрабруваат да ги користат достапните и новите ИТ алатки за интеракција со граѓаните во процесот на подготовка на буџетот за 2021 година, како и за обезбедување на локалните услуги, вклучувајќи го и издавањето на даночните пријави.

Тематската работна група за локално финансирање и буџетирање е дел од седумте тематски групи на општинските советници формирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.