Започнува програмата за јакнење на капацитетите на општинските советници

Денес во Струмица започна спроведувањето на Програмата за развој на капацитетите на општинските советници од општините Валандово, Велес, Охрид, Свети Николе, Струмица и Чаир.

Преку тренинг обуки на вкупно 11 теми кои произлегуваат од нивните законски надлежности, целта на програмата е да ја зајакне улогата на општинските советници во локалната демократија.

Покрај денешната воведна обука, програмата вклучува и обуки на теми од јавниот финансиски менаџмент, просторното и урбано планирање, но и на теми поврзани со меѓуопштинската соработка и родовата рамноправност на локално ниво.

3

Обуките се дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка “Зајакнување на општинските совети” со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Во наредните две години, овој проект ќе вклучи дополнителни 18 општини кои ќе бидат избрани низ јавни повици.

Покрај обуките наменети за советниците, вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се резервирани за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои ќе учествуваат во проектот.