Девет општини избраа проекти кои ќе се финансираат преку Програмата за Зајакнување на општинските совети

Преку Форумите во заедниците кои се оддржаа во Брвеница, Могила, Куманово, Желино, Гостивар, Струга, Кочани, Кавадарци и Центар, граѓаните од овие општини, заедно со претставниците на локалната власт, ги избраа проектите кои ќе се имплементираат во нивните заедници во текот на наредните осум месеци.

Низ четирите форумски сесии оддржани во периодот од јуни до ноември 2019 година, со предлог иницијативи за реализација на приоритетни проекти, покрај граѓаните, настапија и граѓанските и младинските организации, бизнис секторот, како и претставниците од образованието и социјалната заштита.

По предложените иницијативи и дискусијата за секоја од нив, учесниците на Форумите ги избраа проектите за чија реализација се предвидени 50.000 швајцарски франци за секоја од општините. Избраните проекти се дизајнирани на начин кој подеднакво ги адресира потребите на мажите и жените и различните етнички групи во општините и истите имаат за цел подобрување на социјалните услуги за најранливите категории граѓани, со посебен фокус на образованието (основни училишта и градинки), културата и спортот.

Така, во општините Брвеница, Могила, Куманово и Желино, ќе бидат реализирани проекти за реконструкција на неколку основни училишта и подобрување на условите за настава. Во општините Гостивар, Струга и Кочани, ќе бидат изградени спортско-рекреативни центри, додека пак во општина Кавадарци ќе биде реализиран проект преку кој ќе се подобрат безбедноста и партерното уредување во четири градинки.

Во општина Центар учесниците на Форумите дадоа поддршка на проект со кој ќе се воспостават сензорни соби наменети за децата со попреченост во три градинки, како и за отворање на нов младински центар во општината.

Во моментов, се финализираат проектите кои претходно беа избрани во првите шест општини вклучени во програмата за зајакнување на општинските совети.

Кон средината на оваа година ќе се организираат Форуми во заедницата и во деветте општини кои неодамна беа вклучени во програмата, преку кои граѓаните ќе имаат можност да изберат приоритетни проекти за чија реализација, исто така, е предвидена финансиска поддршка од 50.000 швајцарски франци за секоја општина.

Форумите во заедниците се составен дел од програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети” во 24 општини, со вкупна вредност од 3.4 милиони швајцарски франци која што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Вкупно 1.2 милиони швајцарски франци се определени за мали грантови наменети за реализација на приоритетни иницијативи во сите 24 општини кои учествуваат во програмата.