ДЕВЕТ ОПШТИНИ ЌЕ ДОБИЈАТ 558,000 УСД КАКО ДЕЛ ОД ШВАЈЦАРСКА ПРОГРАМА ЗА ЈАКНЕЊЕ НА ЛОКАЛНА ДЕМОКРАТИЈА

Скопје, 13 септември 2018

 

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата, денес во Скопје се одржа работилница на која присуствуваа повеќе од 70 претседатели на општински совети и дискутираа за начините да се направи локалната власт поинклузивна, потранспарентна и отчетна.

На овој настан, организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), беше објавен и јавниот повик за учество на општините во проектот „Зајакнување на општинските совети“.

IMG_8376

Со овој проект се веќе опфатени шест општини: Чаир, Охрид, Струмица, Свети Николе, Валандово и Велес. Уште 9 општини ќе бидат избрани преку компетитивен процес во ноември 2018, и ќе следуваат дополнителни 9 општини во 2019 година.

Општините кои ќе бидат избрани ќе добијат обука која што ќе им помогне на општинските советници поефективно да ги надгледуваат локалните буџети и подиректно да комуницираат со граѓаните при утврдување на приоритетите за трошење на буџетски средства на општината.

На овој начин, проектот има за цел да ја зајакне позицијата на општинските совети во демократското носење одлуки на локално ниво, каде што традиционално градоначалниците имаат доминантна улога, и да се осигура дека секој општински денар е потрошен мудро, ефикасно и транспарентно.

Општинските совети кои успешно ќе ја завршат обуката ќе добијат по 62,000 УСД за проекти од јавен интерес кои се утврдени како приоритетни од страна на граѓаните.

IMG_8398

Зајакнувањето на општинските совети е проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, кој што ја отсликува долгорочната посветеност за унапредување на инклузивно, одговорно и отчетно владеење на локално ниво. Овој проект е и во согласност со Одржливите цели за развој кои што ги обврзуваат сите земји членки на ООН да обезбедат одговорно, инклузивно и партиципативно носење на одлуки на сите нивоа.

Изјавата на Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш по повод Меѓународниот ден на демократијата беше и повод за жива дискусија на денешната работилница: „Демократијата налага да се покаже поголема воздржаност од кога било”, со повик до целиот свет да се „зајакне демократијата” преку борба против нееднаквоста и залагање за постоење на политички системи кои ќе бидат поинклузивни, поиновативни и поотпорни на закани.