Во Скопје, над 150 градоначалници и претседатели на совети дискутираа за унапредување на децентрализацијата

На 21 и 22 ноември во Скопје се одржа годишната конференција за децентрализација и локално управување: „Јакнење на заедниците – нов импулс за децентрализацијата“.

Конференцијата беше отворена од страна на премиерот Зоран Заев, а на неа учествуваа и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, постојаната претставничка на УНДП во нашата земја, Нарине Сахакјан, градоначалници од земјите во регионот, како и над 150 градоначалници и претседатели на општински совети од државата.

Целта на конференцијата беше да се разменат мислења за унапредување на системот на локалната власт преку продлабочување на децентрализацијата и пренесување на нови надлежности од централно на локално ниво.

На конференцијата, меѓу другото, беа презентирани и нацрт извештајот за реализацијата на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2015 – 2020, годишниот извештај за приходите и расходите на општините во државата, како и резултатите од најновата анкета за задоволството на граѓаните од локалните услуги.

Покрај податоците и извештаите за статусот на децентрализацијата во државава, на дводневниот настан во Скопје беа организирани неколку панел дискусии на кои гостите-градоначалници од регионот споделија добри практики на употреба на иновации во локалната самоуправа, решенија за одржлив локален развој и користење на меѓуопштинската соработка како ефикасен начин за подобрување на ефикасноста во испораката на услуги за граѓаните. Покрај овие теми, панел дискусиите се осврнаа и на родовата еднаквост на локално ниво, особено од аспект на улогата на жените во локалниот развој и нивното учество во процесот на носење политики на локално ниво.

Дводневната конференција „Јакнење на заедниците – нов импулс за децентрализацијата“ е дел од проектот „Подобрување на локалното владеење“ кој го спроведува УНДП и е финансиски подржан од Европската Унија.